ЗНМ, ССНМ и СЕММ на средба со Министерот Филипче: нема забрана за снимање, новинарите треба да продолжат непречено со својата работа

Сподели

 

Претставниците на новинарските организации ја поздравија одлуката на министерот Филипче да се преземат идни активности за решавање на овој случај и додадоа дека само преку заедничка и координирана активност помеѓу министерството и професионалните новинари ќе имаме гаранции за точни и навремени информации во врска со пандемијата во земјата.

На денешната средба помеѓу министерот и новинарските организации се надмина претходното недоразбирање, во однос на тоа дали постои формална одлука со која може да се ограничи јавниот простор на кој работат новинарите пред јавните здравствени објекти. 

Министерот истакна дека новинарите можат и треба непречено да снимаат на сите јавни простори пред болничките установи во насока на професионално известување во однос на пандемијата.

Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ пак уште еднаш истакнаа дека новинарите во своите известувања треба да се држат до етичките стандарди, почитувајќи ја приватноста на пациентите или нивните блиски, во склад со јавниот интерес.

Освен ова, присутните се сложија дека e потребно и во иднина да продолжи комуникацијата со цел да се превенираат слични ситуации кои можат негативно да се одразат на работата на новинарите, но и на здравствените установи и медицинскиот кадар.