10. Конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа

Сподели

 

Во организација на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје, во Струга се одржува јубилејната 10. Конференција на директорите на националните библиотеки од Југоисточна Европа.

На отворањето на конференцијата се обрати заменик-министерот за култура Даим Лучи кој, пред присутните гости ја истакна подготвеноста на Министерството за култура за безрезервна поддршка на библиотечната дејност, како и унапредување на услугите во оваа област според современите трендови.

Присутните ги поздрави и директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Рахметула Куќи кои ги нагласи заложбите и активностите на оваа национална библиотека, а на темата „Трендови во библиотечниот работење“ свои излагања имаа дел од присутните гости. Се обратија Франк Шулц претседавач на Конференцијата на европските национални библиотеки (CENL), Пиро Миша, директор на Националната библиотека на Албанија, Исмет Овчина, директор на Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина, Јудит Геренчер, заменик-директорка на Националната библиотека на Унгарија, Мехмет Демир, директор на Националната библиотека на Турција и Алеш Бошњак, директор на Институтот за информациски науки од Марибор, Словенија.

Во рамки на конференцијата беше отворена изложба на плакати на кои се презентирани посебните збирки во НУБ „Св. Климент Охридски“, за што, свое стручно појаснување имаше програмскиот раководител на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Тасевски.

На оваа значајна изложба се претставени репродукции на библиотечни добра прогласени за културно наследство од особено и од исклучително значење, како и други материјали, проследени со концизни информативни текстови на македонски и на англиски јазик.

На конференцијата беа усвоени заклучоци за континуирано следење на трендовите и имплементација на новините во библиотечното работење особено од областа на дигитализацијата и автоматизацијата на процесите, понатамошно подобрување и интензивирање на билатералната и мултилатералната соработка на националните библиотеки од регионот, иницирање заеднички проекти, овозможување отворен пристап до колку што е можно поголем број материјали, споделување искуства и др. Договорено беше наредната 11. Конференција на националните библиотеки од Југоисточна Европа да се одржи во Црна Гора.