Ковачевски: За јазикот и идентитетот не преговараме

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за отпочнување на преговорите со ЕУ и тргање на бугарското вето, рече дека предлогот го даваат земјите членки на ЕУ, бидејќи ние сме земја која што сака да се зачлени во ЕУ.

“Врз основа на предлогот кој што тие го имаат, односно ќе го усогласат, бидејќи очигледно тој не е усогласен на ниво на сите земји на ЕУ, бидејќи Бугарија е земја членка на ЕУ, истиот кога ќе биде подготвен тој документ, ќе биде доставен до нас. Тогаш нормално дека ние ќе ги дадеме нашите забелешки.

Јас ги кажав нашите позиции, тие се многу јасно дефинирани и во нашето Собрание до кое што се придржуваме. Нема разговори за македонскиот јазик, идентитет и решението треба да содржи севкупно решение и гаранции дека со ова веќе нема да постојат никакви други барања во однос на нашето понатамошно напредување во интеграцијата на ЕУ”, рече Ковачевски.

„Ние немаме добиено предлог за деблокирање на проширувањето на ЕУ кое вклучува решенија што произлегуваат од нашите разговори со Бугарија којшто е усогласен со сите земји членки на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски како одговор на новинарско прашање.

Ковачевски посочи дека во разговорите со Бугарија зазеде став и пристап за изнаоѓање на достоинствено решение коешто ќе се базира на европските вредности и како владејачка коалиција во ниту еден момент овој процес не бил политизиран и инструментализиран за дневно политичка употреба и добивање на еднократни политички поени.

Во однос на отпочнување или неотпочнувањето на преговори, Ковачевски потенцираше дека не треба да се врзуваме за датуми бидејќи изнаоѓање на решение најмалку зависи од нас во овој момент затоа што Северна Македонија има четири последователни позитивни извештаи од ЕУ и 45% усогласеност на нашето законодавство со ЕУ, и во одреден број на поглавја имаме поголема усогласеност од земји кои веќе ги имаат отпочнато преговорите со ЕУ.

„Ние нема да се откажеме со оглед на тоа што ЕУ е стратешка цел на нашата држава исто како што стратешка цел беше зачленувањето во НАТО која ја остваривме. Ние сме комплетно подготвени за процесот на преговори и сега зависи од согласноста на сите земји членки тој процес да отпочне, а разговорите со Бугарија можат да продолжат врз основа на европски вредности и врз основа на одредбите од договорите со кои е формирана ЕУ“, рече Ковачевски.