14.MakeDox: „Земја во фокус“ – Данска

Сподели

 

Куршумли Aн, 18 – 24 август

МакеДокс – Фестивалот на креативен документарен филм, оваа година по 14. пат ќе се одржи во Скопје и овој пат за разладување во врелите скопски ноќи, како „Земја во фокус“, ќе ви ја понудиме Данска, програма во која заедно со Данскиот филмски институт внимателно селектиравме 13 дански долгометражни документарни филмови. Секако, овде ќе се најдат најдобрите и веќе наградувани дански документарни филмови од поновата данска продукција, кои во изминатава година беа дел од програмите на сите најзначајни документарни фестивали во светот, како IDFA, CPH:DOX, Санденс филмски фестивал, Хот докс ФФ, Вижн ду рил, FIPADOC, Краковскиот филмски фестивал, меѓу кои и победникот на најголемиот фестивал на документарни филмови – IDFA, филмот „Аполонија, Аполонија“ на режисерката Леа Глоб, со кој и ќе ја отвориме оваа програма „Земја во фокус“ посветена на Данска.
 
Градењето на документарниот филм при монтажата и барањето повеќе слоеви во документарната приказна се еден од најзначајните сегменти при создавање на еден филм, особено на документарниот каде што визуелната нарација и ритамот на филмската сторија се градат токму во собата за монтажа. Затоа оваа година, а веќе вторпат, ја посветуваме на монтажата на документарниот филм и во рамките на програмата „Земја во фокус“ го поканивме Јаспер Осмунд, дански, но и светски познат монтажер на филмови, кој заедно со филмскиот консултант и Данец по потекло Туе Стин Милер, за новата генерација млади македонски, но и балкански монтажери, кои, за среќа, ги има сѐ повеќе, ќе одржат работилница за монтажа, насочувајќи ги младите монтажери на што треба да внимаваат при градењето на филмската документарна приказна, како да ја согледаат повеќеслојноста во суровиот снимен материјал и како најдобро да го одредат ритамот за да ја раскажат приказната, нешта што во данските документарни филмови секогаш се добро скроени, па дури и доведени до совршенство.
Затоа, не случајно монтажата е во фокус на 14. издание на МакеДокс – Фестивалот на креативен документарен филм, затоа не случајно ДАНСКА е земја во фокус оваа година на МакеДокс!
 
Програмата Земја во фокус: Данска на 14.MakeDox е поддржана од Данскиот филмски институт