22. OFFest во Национална опера и балет и Младински културен центар

Сподели

 

𝐎𝐅𝐅𝐄𝐒𝐓 𝟐𝟎𝟐𝟑, 𝟕-𝟏𝟎 𝐉𝐮𝐧𝐞, 𝐒𝐤𝐨𝐩𝐣𝐞, Национална опера и балет и Младински културен центар
Дваесет и второто издание на традиционалниот OFFest ќе се одржи од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет и МКЦ, со осум концертни настапи и еден документарен филм.
 
Фестивалот ќе го отвори импресивниот аудио-визуелен перформанс на славната португалска фадо пејачка ѕвезда MÍSIA. Фасцинантната моќ на модерната естонска фолк кралица MARI KALKUN, во комбинација со раскошната интерпретација на македонската традиционална песна од страна на единствената ZARINA PRVASEVDA и нејзиниот состав, создаваат услови за беспрекорно фестивалско доживување.
Оригиналниот микс од пустинскиот гитарски блуз и транс ритмите на италијанската Таранта на волшебниот тандем JUSTIN ADAMS & MAURO DURANTE, ќе ја пресретне софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и визија на нашиот Њујорчанец KRSTE RODZEVSKI. За мистериозната аура на култната чешка двојка IRENA & VOJTECH HAVLOVI ќе сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi”.
 
OFFest 2023 ќе го заокружат фуриозните настапи на две исклучително возбудливи музички појави: новата world-music атракција BAB L’ BLUZ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот DIZZY MANDJEKU & THE ODEMBA OK ALL STARS.