24 Отворено: Реизбор на судиите, реалност или желба на Заев?

Сподели

Судство во канџите на политиката. Дали новата Влада ќе стави шепа врз судскиот систем или ќе спроведе вистински реформи? Можни ли се среќни решенија во македонскиот правосуден систем? Како да престанат големите неправди од кои произлегуваат многу човечки болки? За овие прашања и за случувањата во Собранието, во 24 Отворено разговаравме со поранешната судијка во Меѓународниот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, поранешниот јавен обвинител, Јован Трпеноски, универзитетската професорка Арта Биљали Зендели и новинарот Томислав Кежаровски кој беше осуден и помина шест месеци во притвор во затворот во Шутка.

Специјален гостин беше професорката од САД Џудит Скорфилд МкЛафлан од Универзитетот во Флорида која зборуваше за судските практики во САД.

Судијката Цаца Николовска смета дека грешките од минатото не може да се заборават, мора да постои одговорност за судиите кои работеле спротивно на законот и неодговорно се однесувале, иако според неа  се прави терен за изземање од одговорност.

„Има многу судии кои се разрешени бидејќи не сакале да постапуваат по нарачки и дел од нив веќе имаат постапки пред Европскиот суд за човекови права. Еднаш избран судија не значи дека не може да биде разрешен. Не може еден судија од Основен да дојде во Врховен суд, мора да има ред. Генерален реизбор се вршеше поради промена на структурата на судството, но денес мора да се испитува фактот на независност, квалитет и непристрасност“ рече Николовска.

Поранешниот јавен обвинител изјави дека потребно е независно тело за “прочистување” во судскиот систем

„Процесот на решавање на проблемите во судството е долготраен. Мора да се направи анализа и согледување за кадрите кои се носители на правосудната функција“, рече Трпеноски.

„Има силни политички притисоци, имаме се само не судски систем. Мора да се раздвои дневната политика од судството, има луѓе кои ја сакаат професијата и треба да се остават да си ја вршат професионално својата работа. Судството функционира често по двојни стандарди“, изјави Биљали – Зендели.

Новинарот Кежаровски вели дека нема право да заборави што се случуваше во судот за случајот за којшто беше осуден. „Не барам реваншизам, туку еднаков третман за сите. Денеска обвинителите се однесуваат како господари во судницата. Знаев дека ќе одам во притвор поради односот на истражната судијка во постапката која беше политички послушник. Ако се повтори нечие “тевтерче” ќе се случи крв“, рече Кежаровски.

Трпеноски порачува дека мора да има одговорност за сторителите, но и за организаторите на насилствата во Собранието.

„Директните извршители на насилствата од Собранието мора да се казнат, но мора да има казни и за поттикнувачите и поддржувачите“, вели Биљали -Зендели.

Прашувајте и коментирајте на #24Вести и #Отворено

24вести.мк