Интервју Текстови Топ теми Ударни вести

ИНТЕРВЈУ: ОЛИВЕР СПАСОВСКИ – МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ДЕНЕС: Уште не се поминати 100-те дена од вашето министерување во МВР, но може да се забележи големата транспарентност на министерството во извршувањето на досегашните акции со изјави, приемот и соработката со медиумите. До сега имате прифатено повеќе интервјуа и не ги селектирате медиумите, што за разлика од досегашната соработка со ова министерство беше една од најневозможните мисии. Дали оваа пракса и желба за соработка ќе продолжи?

Оливер СПАСОВСКИ: Отвореноста кон медиумите и јавноста, воопшто не треба да биде изненадување. Напротив тоа е сосем вообичаено однесување за секоја демократска власт. Свесен сум дека досега јавноста беше навикната на лажна транспарентност и селективен пристап кон медиумите. Но, со промена на власта се промени и ова. Еднаквиот пристап до информациите е еден од основните принципи на секоја демократија и затоа силно ќе се залагаме за тоа.

Јавноста е свесна дека во надлежностите на Министерството за внатрешни работи се и активности кои заради заштита на безбедноста и сигурноста на државата и граѓаните се класифицирани со одреден степен на доверливост. Сепак, ова не смее да биде изговор за целосно чување на информациите како доверливи. Јавноста ќе има одговор на сите прашања, но истовремено нема да ја доведеме во опасност безбедноста на граѓаните и државата. 

ДЕНЕС: Ветивте дека полицијата мора да се департизира, деполитизира и декриминализира. Што е до сега реализирано и колку време ќе трае овој процес според вашите проценки и затекнатата состојба во МВР?

Оливер СПАСОВСКИ: Прашањето на департизација на институциите, а во конкретниов случај на МВР, е многу повеќе од ветување. Департизацијата за македонското општество е прашање на негов опстанок. Ако ги почитуваме вистинските општествени стандарди ќе го постигнеме она што сите го посакуваме, општество водено од демократските принципи со достоен животен стандард.

Состојбата во министерството е нотирана во повеќе извештаи на меѓународните организации и оценките кои се дадени воопшто не се задоволителни. Силно негативно политичко влијание, партиски кадри со несоодветно образование и искуство и забележан  е висок степен на корупција и криминал. Ова е сликата која ја затекнав и која мора да се промени.

Реформите секогаш започнуваат со промена на законите и подзаконските акти. И тоа во суштина е полесниот дел. Потешкиот дел е менувањето на свеста, заживувањето на законите, односно нивната примена. Планот е до крајот на годината да направиме промена на основните закони кои го регулираат работењето на министерството и веднаш да започнеме со нивна имплементација. А промената на свеста е долготраен процес кој веќе го започнавме.

ДЕНЕС: До каде е процесот за одговорноста за нападот врз пратениците и новинарите во Собранието? Изјавивте дека без санкции министерството нема да може да продолжи да функционира.

Оливер СПАСОВСКИ: МВР до надлежното Обвинителство достави обемна истражна документација за овој случај. Позитивен момент е што тој настан и сите околности околу него сега се под ингеренции на Обвинителството за гонење организиран и сериозен криминал, што претпоставува постоење на други далеку посериозни кривични дела. Како ќе заврши целата таа работа сега зависи од ова обвинителство и јас ниту сакам да прејудицирам, а уште помалку да коментирам работи кои се во надлежност на друг орган.

Она што јас можам да го соопштам е фактот дека ние имаме интерни истраги, јавно обелоденивме дел од опсежниот извештај што посебна работна група го изработи околу сите полициски мерки и активности превземени или непревземени на 27 април, како и бројка од досега 27 суспендирани полициски службеници и 43 дисциплински постапки кои се во тек. МВР е решено, во рамки на своите надлежности, овој случај да го расчисти до крај.    

ДЕНЕС: “Да не му падне на памет на некој да си игра со мирот, безбедноста, стабилноста и соживотот во Македонија!” Оваа Ваша изјава беше општоприфатена со одобрение кај граѓаните и имате поддршка од нив. Дали овој жесток став е ваша примарна цел?

Оливер СПАСОВСКИ: Оваа реченица не е само мој став, тоа е мојата свест и совест. И оваа реченица треба да биде водилка за сите носители на државни функции за кои интересите на државата и граѓаните се нивен приоритет. Од друга страна ова е и моја должност и обврска на министерството, заштита на мирот Уставната и законска позиција на МВР како фундаментален безбедносен институт на општеството и системот. Тоа што го кажав се примарниот “опис и попис“ на работните задачи на полицијата, затоа таа постои – да биде гарант и чувар на јавниот ред и мир, сигурноста и животот на граѓаните, правниот поредок и материјалните добра. Сите ние во министерството сме обврзани со Уставот и законите да бидеме браник од сите облици на безбедносни закани. 

ДЕНЕС: Изјавивте дека во државава нема никаква платформа, освен домашна “Криминална платформа”. За каква платформа се залага новата реформска влада?

Оливер СПАСОВСКИ: Ќе се обидам кусо, но што посодржински да истакнам: за нормалноста, за демократските стандарди и вредности, за држава која нема да им одмага туку ќе им помага на граѓаните да ги остварат своите индивидуални стремежи, амбиции, надежи, за солидарност и еднаквост на сите без оглед на вера, пол, политичко или друго убедување. И конечно – за владеење на правото! Знаете за овие две и кусур децении многупати ги слушавме овие “политички идеали“, но јас ве уверувам дека овој пат ние ќе бидеме тие што ќе ги реализираме како пракса, наше секојдневие.

ДЕНЕС: Каква е вашата соработка со СЈО?

Оливер СПАСОВСКИ: Безрезервно ја подржуваме работата на СЈО и целосно сме отворени за сите нивни барања. Работата на СЈО е суштинска токму за враќањето на правдата и правото во системот узурпиран, односно приватизиран во периодот на владеење на едно злосторничко здружение што раководеше со партијата ДПМНЕ.

ДЕНЕС: Уверени ли сте дека правосудството ќе одговори соодветно според законските норми?

Оливер СПАСОВСКИ: Новата Влада на Република Македонија јасно стави до знаење дека прашањето за реформа на правосудниот систем е егзистенцијален проблем пар-екселанс за македонското општество. Нема повлекување ниту каква било отстапка од таа намера. Тој процес ќе го истуркаме во тесна соработка со нашите партнери од ЕУ, впрочем повторно ќе го нотирам извештајот на г-динот Прибе како “алфа и омега“ за правецот и начинот на тие реформи. Јас верувам, навистина, дека по реформите ќе имаме правосудство, слободно и независно, како вистински чувар на законитоста, правото и правдата во оваа наша држава.

 

ДЕНЕС: По кои критериуми ќе се вработуваат новите припадници на МВР?

Оливер СПАСОВСКИ: Ве уверувам дека ниту партиската книшка, ниту некакви “тарифи“ од по три или пет илјади евра, ниту списоци од општински, месни комитети и сл. или блискост со овој или оној функционер, нема да бидат критериуми за вработување. Тоа време заврши.   

 

ДЕНЕС: Дали ќе се обезбедат фер услови за наредните локални избори кои се наближуваат?

 Оливер СПАСОВСКИ: Да, без дилема. Од аспект на полицијата ќе има само една задача – обезбедување мирни избори, без насилства, без притисоци, или какви било други нарушувања на јавниот ред и мир. Убеден сум дека тоа ќе биде токму така. Нема да има штабови за неработење, за развозување на гласачи или за малтретирање на граѓани. Се ќе биде подредено на остварувањето на граѓанското право согласно Уставот и законите.  

ДЕНЕС: Како довербата на граѓаните ќе се врати во службите на МВР?

Оливер СПАСОВСКИ: Јас сум свесен дека тоа не може да се случи преку ноќ. Но доколку се работи посветено, искрено, одговорно со целосно почитување на транспарентноста, отчетноста, законитоста, тогаш кредибилитетот на полицијата ќе биде реалност, а не наштимана анкетарска бројка. Притоа за нас од исклучителна важност ќе биде отворањето и соработката со граѓаните. 

 

ДЕНЕС: Минатата недела во Скопје се одржа Супер купот на УЕФА и МВР и вие како министер добивте честитки од сите страни за вашиот дел од организацијата, кој може да се каже беше клучен за се да помине во најдобар ред. Колку вие како министер сте задоволни од сработеното?

Оливер СПАСОВСКИ: Јас постојано потенцирам дека во МВР има професионалци на кои треба да им се даде можност да си ја вршат работата за која се стручни. И ете, се гледа дека можеме, дека МВР може да биде вистински сервис на граѓаните. Тоа се покажа и со организацијата на прославата на Илинден и со организацијата на Супер купот.  Веднаш по завршувањето на натпреварот од Супер купот јас јавно им се заблагодарив на сите вработени во МВР кои дадоа придонес за организацијата на натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Реал Мадрид да помине во најдобар ред. Следејќи ги стандардните процедури за организација на настани, беше формиран оперативен штаб, по чија оценка, а врз основа на претходно направени планови беа преземени мерки и активности за одржување на стабилна безбедносна состојба, јавен ред и мир, како и да се гарантира безбедноста на учесниците на натпреварот, преставниците на УЕФА и навивачите. Сакам да ги потенцирам и активностите што ги презеде Владата на Република Македонија за исполнување на барањата на УЕФА, кои согласно договорот требаше да се исполнат до 23 јули, а Владата вложи дополнителни напори и сите пречки со кои се соочивме беа отстранети до 20 јули и со тоа сите придонесовме за позитивна промоција на Република Македонија пред светската јавност.

 

Соња Ајановска Деловска

 

 

Сподели: