ИНТЕРВЈУ: Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ

Сподели

13578968_1368290526520266_310457872_n
ДЕНЕС
:  Живееме во време на големи и брзи промени во општеството, културата, етиката, системските вредности. Се чини дека последните години тие промени итаат со светлосна брзина и  кај луѓето се манифестираат како состојба на страв, несигурност, отуѓеност, очај и безизлезност. Секој се справува како што му налагаат условите, но Вие како доктор специјалист психијатар, преку своето искуство во борба против овој современ феномен, можете точно да посочите како сето ова влијае во животот на човекот, колку тој знае правилно да се соочи со проблемот и дали приодот кон овој проблем е поставен на правилен колосек?

Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ:  – Проблемите на современото секојдневие, минливи и менливи, препознаени, непрепознаени, потиснати, споделени, како и да е, бараат вложување на дополнителен напор за справување со истите. Секако користењето на здравите механизми на одбрана, не премногу да рационализираме, не премногу да негираме. Страшно е кога проектираме, ги префрламе нашите грешки на други. Нема готови решенија. Препорачувам од се` по малку, секогаш во комбинација со широка насмевка. Индивидуален пристап кон поединецот, со максимално почитување на различностите.

ДЕНЕС:  Во една статија прочитав дека се` повеќе лица бараат стручна помош и дека е потребна цела армија на стручни лица, да одговорат на потребите за нивно справување со проблемите што ги носат веќе подолго време. За разлика од повозрасната генерација, младата генерација посетата на стручно лице, психијатриската помош и терапијата, ја прифаќаат нормално, не им претставува табу тема. Напротив, се` поотворено се дискутира и се препорачува за нормално функционирање, справување и живеење во бурното време. Дали сега е време на отфрлање на старите шаблони, промена на наметнатите стравови и  истакнување на самосвесноста?

Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ:  – Како што архитектот се грижи за убавината и удобноста на нашиот дом, психијатрите и психолозите се задолжени да ја негуваат архитектурата на душата. Секако сеуште е привилегија да се соочите со потребата дека ви треба. И да го најдете вистинскиот за вас, кој ќе се однесува кон вас не со сожалување, туку со максимална професионална емпатија (сочувствување). Младите доаѓаат на иницијатива на постарите. Постарите со поддршка на помладите. Доаѓаат од сите генерации. Предрасудите се надминуваат. Првичната средба, како и секој прв чекор, но потоа следи период на взаемна соработка. Колку ли многу и ние учиме од нашите клиенти, пациенти.13595484_1368292813186704_787496755_n

ДЕНЕС:  Транзицијата што трае подолго време во државава, невработеноста, неизвесноста, неможноста за креирање сопствено семејство во недостиг на финансии, немањето финансиска опција за едукативна надградба, дисфункционалноста помеѓу амбициите, желбите и нереализацијата, паѓа токму врз грбот на младите и нивните перспективи. Се јавува во форма на депресија, невроза, анксиозност и агресивност, поточно се јавува како нефункционална единка која се рефлектира во општеството, а општеството во неа. Како и колку успевате да помогнете во справувањето со овој тежок егзистенцијален проблем?

Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ:  –  Ние сме само една алка во синџирот. Справувањето со егзистенцијалните проблеми, мултидисциплинарноста во пристапот и дел од тимот на професионалци и добронамерни соработници. Ја поттикнуваме младата генерација да функционираат по типот “го трчам животниот маратон, а не трка од сто метри”. Се` со една цел, како не би согорело пребрзо. И со малку и со многу можеш да бидеш среќен и помалку среќен. Младата генерација живее во семејства на современи печалбари, родителите функционираат по типот на Рациновите стихови “Стани си денес порано, легни си вечер подоцна”. Малку има време за дружба со децата. Е, тоа е психолошката туѓина. Пуста да остане, кога го нема семејниот ручек. Леб и сол, но со семејството.

ДЕНЕС:  Гледаме многу незадоволни граѓани по улици, од двете страни: и од политичка и од социјална страна. Години наназад, македонецот молчеше за своите проблеми, нејасно ги испраќаше сигналите за негова промена, беше потиснат во неговите желби и сиромашен во поглед на давање и примање љубов. Денес, се насетува нова енергија, во потрага по заслужена љубов, заслужена слобода во изразување, потреба за барање и реализирање на основните свои потреби. Дали и колку вие ги поддржувате овие нови ветришта на младешки промени, дали тие се носители на новото време? Дали во Шарената револуција препознавате нов почеток на едно општество и дали тоа е сигнал на промени, имајќи во предвид дека во неа се наоѓаат борци за нови општествени потреби, борци за социјална правда, борци за родови права, борци за меѓуетнички соживот, па до права и заштита на животните?

Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ:  –  Во сите времиња и невремиња, младите го носат ентузијазмот. Секако со поддршка на мудроста на постарите. Позитивните промени се добредојдени, но промените мораат да бидат дел од процес, добро осмислени. Ме прашувате што мислам за Шарената револуција? Како професионалец, напред со сигурни чекори, но да не се претерува. Како поединец? Се чувствувам збунето, со една доза на пријатно-непријатна неизвесност. Да не се помине границата. Да не се злоупотреби младоста. Таа го нема искуството. Внимателно, порачуваме ние, чувари на душите, зошто младешките се најранливи.

ДЕНЕС:  Дали ја гледате свесноста како се буди, со какво темпо тоа според нашиот менталитет ќе продолжи да се движи и колку можеме да очекуваме од самите нас? Слободата што ја бараме, колку сме подготвени да ја браниме и дали сме ја заслужиле? Дали полека се ослободуваме од дефетизмот, колку тој ни наштетил и дали може по пократок пат тој да се излечи?
12662662_10206779249972525_6950550953471406230_n

Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ:  – Слободата е наше право, но и наша обврска. Познавам многу навидум “слободни” заробени луѓе. Како и навидум “заробени” слободни луѓе. Слободата е привилегија на тие што умеат да се чувствуваат слободни и зад “решетки”. И подеднакво, како на врвот од планината, зеленилото, на долината. Слободата треба да се негува во поединецот, од неговото раѓање.

ДЕНЕС: За крај ја оставивме љубовта. Двигателот на целиот свет. Носителот на сите промени. Посакувана од сите, потиснувана од многумина. Лекот на животот. Доколку од Вас зависи терапијата, како Вие би ја препишале и со која порака?

Д-р ВИКТОРИЈА ВУЈОВИЌ:  – Љубовта, родителската, партнерската, пријателската  и која ли уште не, тука е околу нас. Двигател, мотивирачки фактор со секое ново изгрејсонце. Да бидеме сакани и да сакаме, исконска човекова потреба. “Ја видов љубовта во твоите очи”,” Ја слушнав во твојот глас”, “Ја почувствував во допирот”, “Научив да љубам, да возвраќам, да почитувам”.

Доколку зависи од мене терапијата на секојдневието кое ќе не чини среќни: Бидете посебни во својата добронамерност. Споделувајте позитивни нешта. Искористете го максимумот на секој ден, добар или лош. После сонце доаѓаат облаци, а после облаците доаѓа сонце. Феникс. Феноменот на паѓање и повторно возвивнување. Совладајте го. Имајте убави мигови, за кои ќе им раскажувате на вашите поколенија.