Манчевски: Регистарот од 2 милиони евра не го дава точниот број на вработени во јавниот сектор

Сподели

Претходната Влада потрошила 2 милиони евра за регистар за вработени во јавниот сектор, кој не ги содржи реалните информации за сите вработени во јавната администрација, вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во интервју за „Дојче веле“.

– МИОА сега нема регистер што ги содржи реалните информации за сите вработени во јавната администрација. Иако за него се одвоени два милиони евра за период од пет години (2014-2018), тој не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени. Дел од институциите во системот никогаш не ја внеле новата систематизација, дел само ја внеле систематизацијата без никакви податоци за вработените, а дел иницијално ги внеле податоците, но не ги ажурираат редовно. Секако дека има и институции кои ревносно го пополнуваат регистарот. Во Македонија постојат 1.302 институции. Има две категории на институции што не ја исполниле законската обврска да внесуваат податоци за вработените во регистарот. И покрај тоа што добиле согласност за систематизација од МИОА, 150 институции немаат внесено податоци за своите вработени. Втората категорија на институции се тие кои немаат побарано согласност од МИОА и немаат внесено податоци во регистерот. Тоа се 197 институции од различни области – вели Манчевски.

Според Манчевски, МИОА располага со податоци за 115.729 лица вработени во јавната администрација, кои се добиени со вкрстување на податоци од повеќе институции, но нагласува дека оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика.

– Дополнително, во оваа бројка не влегуваат вработените во акционерските друштва во државна сопственост, како што се, на пример, ЕЛЕМ, МЕПСО, АД за управување на станбен простор, како и вработените со договор за привремено вработување, односно договор на дело – додава Манчевски.