Вести Македонија Топ теми

54 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Сподели:

Пред 54 години, на 26 јули 1963 година, Скопје беше разорено од силниот земјотрес со јачина од 6,1 степени.

Како резултат на земјотресот, од 1000 до 1.100 жители ги загубиле животите, а најмалку 3.000 лица биле повредени. Бројот на лицата без дом бил 200.000.

Од тоа време остана запаметена изјавата на Јосип Броз Тито кој го посети градот по земјотресот:
“-Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Градот ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.”

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски.

Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Денес во 10 часот на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес ќе положат цвеќиња официјални делегации и претставници на институции а во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ од 9 до 17 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје.

Во Музејот на град Скопје, во 20 часот, се отвора изложбата „Скопје – архиТРАНСформа“: „Архибелези“ и „Concrete мemories“, фотографии на Матијас Шуман, Дрезден, Германија.

Во 21 часот на плоштадот Македонија ќе биде организиран концерт со Ревијалниот оркестар,  Биба Додева, Александар Митевски, актерот Висар Вишка, детскиот хор Фалсето, словенечкиот саксофонист Васко Атанасовски и нашиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски. Свој дел ќе има и скопскиот хроничар Данило Коцевски, а водител на настанот ќе биде Ирена Спировска.

Сподели: