Во Собранието денеска се одржа пригодна седница по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, за правата и можностите на жените, достигнувањата и перспективите.
Непосредно по немилиот настан кој неодамна ја потресе јавноста, смртта на Ивана и Катја, претседателката на Републиката, Гордана Сиљановска-Давкова, истакна дека тешко е да се доживее 8 Март како ден на жената. Статистиката нотира пораз на институционалната превенција и навремената акција.
Фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, рече Сиљановска-Давкова, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, манипулација, тортура, страв, неизвесност и малку желби и надеж. Заложбите од Истанбулската конвенција не се остваруваат преку ад хок мерки и декларативни заложби, туку преку координиран, институционален и правен систем што води сметка за правда и етика и развива партиципативна политичка култура на еднакви човечки субјекти кои се почитуваат и и мааат заеднички обврски кон децата.
Жените не очекуваат привремена празнична галантност врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем.
8 Март претседателката го честита потврдувајќи ја заедничката определба државата да ја градиме како пристојно и безбедно место за живеење, во кое правата и достоинството на секоја жена се неприкосновени.
Фатмир Битиќи како економист зборуваше за многу статистики кои ја отсликуваат родовата нееднаквост во економијата, но како политичар изрази уверување дека за да се ослободи репресивната економска вредност кај жените, мора прво да ја добиеме политичката битка. Потребна е политичка еманципација – рече Бетиќи и подвлече дека „Секогаш кога се понижува жената, се понижува и нашето заедничко чувство за ред, правда и животна смисла. Државата која не ја штити жената, не ја штити ни демократијата.“
Пратеничката Моника Зајкова истакна дека 8 Март не е ден за цвеќе, туку за вистина. Не може да има родова еднаквост само на хартија. Молкот навистина убива, затоа институциите не смеат да молчат, обврска е да покажеме дека системот може да штити – порача Зајкова.
По повод 8 Март, пратеничката Дијана Тоска изрази најдлабока почит кон сите жени и девојки за нивниот придонес во семејството, во образованието, во економијата, во политиката и во секоја област од јавниот живот, кој е суштински за развојот на нашата држава. Почитта кон жените не треба да биде симболична и еднодневна, туку да биде вградена во нашите секојдневни политики и одлуки.
Пратеничката Даниела Белимова рече дека потребно е да си поставиме едно суштинско прашање: Дали сите жени имаат еднаква можност да ги остварат своите потенцијали? Ова се однесува особено на жените во руралните средини и жените кои ја одржуваат стабилноста на своите домаќинства. Нивниот труд често останува неплатен, недоволно препознаен, но и институционално невидлив.
Кога на жените им се отстрануваат пречките и им се даваат еднакви можности, добива целата заедница – училиштата стануваат посилни, економијата пожива, а демократијата поправедна. Без жените, секоја победа е половична – порача пратеничката Калтрина Беќири.
Пратеничката Јована Мојсоска рече дека на овој ден не може да зборува за убави работи, со оглед на многубројните сведоштва на жени со животи под опасност. Таа зборуваше за нефункционирањето на институциите, за погрешниот систем кој чини човечки животи. Оттука, може да го честита 8 Март само на оние жени кои имале храброст да останат да живеат тука.
Пратеникот Љупчо Пренџов истакна дека 8 Март не е обичен датум, туку потсетник на принципите и обврските за еднаквост и почит кон жените. Тој е резултат на децениска борба за достоинство, започната со храброст и отпор. Почитта кон жените, не смее да биде само симболика, 8 Март да биде ден ќе се обврземе дека секоја жена ќе живее достоинствен живот.
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, испрати порака дека не смееме да дозволиме прашањето за родовата еднаквост да биде третирано како формална агенда што се отвора еднаш годишно. Тоа мора да биде трајна институционална определба, со нулта толеранција за насилство.
„Собранието, како највисок законодавен дом, има посебна одговорност. Тука се креираат политиките што го обликуваат секојдневието на граѓаните. Тука треба да покажеме пример – со еднакви можности, со транспарентност, со почитување и со вреднување на знаењето и професионалноста“ – истакна Димовска.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, повика „Да станеме на нозе за жените – изворот на животот, силата на семејството и благородноста на општеството. Не само како гест на учтивост, туку како чин на свест!“. Со својот говор ја затвори седницата преку порака овој ден да биде потсетник на долгото патување на жените кон нивната заслужена улога во општеството, на тивките жртви, на извојуваните битки и на оние што сè уште чекаат да бидат добиени.


