АА: Украина во војна со Русија, ние во војна со самите себе

Сподели:

Украина, која секојдневно се соочува со бомби и разурнувања, сепак, и покрај сè, храбро чекори кон Европската Унија. И Молдавија одлучно напредува. Ние, во мир, губиме драгоцени години занимавајќи се со стравови, предрасуди и политички инаети, наместо да ја градиме иднината, реагираат од Алијанса за Албанците.

Промената на името беше претставувана како закана за идентитетот, јазикот и државата. Денес идентитетот е ист, македонскиот јазик постои, а Северна Македонија е членка на НАТО, со колективни безбедносни гаранции и посилна меѓународна позиција. Она што некогаш се нарекуваше закана за опстанокот, денес претставува едно од најголемите достигнувања на државата.

Историјата се повторува. Со уставните измени повторно се појавуваат истите стравови, оправдувања и губење време, додека другите земји продолжуваат да напредуваат.

Алијансата за Албанците континуирано повикува на преиспитување, храброст и политичка одговорност.

Одлучно бараме да се постигне договор и уставните измени да се спроведат веднаш, со што ќе се отвори патот кон членство во Европската Унија. Исто така, бараме да се отстрани дискриминаторската формулација од 20 проценти и Албанците да постигнат целосна рамноправност.

Почитувањето на македонскиот идентитет и рамноправноста на Албанците не треба да бидат предмет на оспорување и противење, бидејќи тие се темели на една модерна европска држава.

Украина се бори за својата европска иднина среде војна, додека ние, во мир и безбедност, остануваме заложници на стравот од промени, поради недостиг на храброст и политичка волја. Не можеме да се стремиме кон европската иднина додека живееме со стравовите од минатото. Времето за храброст и одлуки е денес, бидејќи утре ќе биде предоцна, велат од АА.

Сподели: