Вести Македонија

Агенцијата за медиуми и ад хок телото ќе се опарат до петок

Сподели:

mediumi11-860x680

Министерот за финансии, Кирил Миновски, телефонски го информирал директорот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, дека Владата ги одобрила средствата за функционирање на оваа институција. Трајчевски за „Мета“ потврди дека одлуката поминала на вчерашната седница и очекува парите да им бидат префрлени до петок.

Инаку, Агенцијата треба да добие 9,2 милиони денари (околу 150.000 евра) за финансирање на набљудувањето на изборите.

Од ад хок телото за надзор на медиумите, кое работи веќе еден месец, велат дека ако не се уплатат парите навреме, ќе биде доведено во прашање реализирањето на надзорот бидејќи имаат информација дека телекомуникацискиот оператор веќе реагирал за неисплатениот долг.

– Ќе видиме дали ќе ги добиеме парите. Требаше да ни исплатат три од вкупно 9 милиони денари. Мислам дека требаше да ги побараме сите пари за да немаме вакви проблеми во иднина. Се работи за сума која во секој момент Министерството може да ја уплати, но за изведувањето на надзорот е повеќе од значајна бидејќи покрај платите на вработените и на членовите на надзорното тело, од оваа сума треба да се плати сигналот на телекомуникацискиот оператор без кој не може да се врши надзорот. Ако операторот го исклучи сигналот, нема да може да се реализира надзорот, ниту да се подготви извештајот на ад хок телото – вели Љубомир Костовски, член на ад хок телото за надзор на медиумите.

Според договореното, од овие пари треба да се исплатат платите на вработените вклучени во процесот на набљудување на медиумите, платите на членовите на ад хок телото за надзор на медиумите, како и сигналот на телекомуникацискиот оператор „Вип“, преку кој се врши надгледувањето на програмите на медиумите.

Од Министерството за финансии, пак, информираа дека процедурата за обезбедување и за уплата на овие пари е во тек.

„Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е добро запознаена со постапката за исплата на средства за финансирање на Агенцијата за време на изборниот процес, според која, Владата најпрвин треба да донесе одлука – процедура која веќе е во тек, врз основа на која Министерство за финансии врши исплата на средствата“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

meta.mk

Сподели: