Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на РС Македонија и Амбасадата на Република Кореја во Софија, надлежна и за Република Северна Македонија, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставува основа за унапредување на билатералните односи во областа на безбедноста на храната, ветеринарството и олеснувањето на трговската размена.
Меморандумот беше потпишан во Скопје, на 30 октомври 2026 година, од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, д-р Оливер Миланов, и амбасадорот на Република Кореја во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. Ким Донгбе.
Посебен акцент во соработката е ставен на безбедноста на храната и храната за животни, ветеринарното јавно здравство, здравствената заштита и благосостојбата на животните, како и на превенцијата, следењето и контролата на болестите кај животните.
Значаен сегмент од соработката е и олеснувањето на билатералната трговија со храна, животни и производи од животинско потекло, преку подобрување на размената на информации за увозните и извозните барања, санитарните услови, постапките за сертификација и процедурите за пристап до пазарите. Во оваа насока, предвидено е поттикнување на директната комуникација меѓу надлежните органи на двете земји, со цел полесно идентификување и, каде што е можно, надминување на техничките и административните пречки во трговската размена, со целосно почитување на важечките национални прописи и меѓународните стандарди.
Меморандумот опфаќа и соработка за олеснување на пристапот на корејските државјани кои престојуваат во РС Македонија до прехранбени состојки и други неопходни производи за секојдневниот живот, како и до информации за важечките законски и регулаторни барања.
Амбасадата на Република Кореја, во рамките на својата дипломатска и посредничка улога, ќе може да ја олеснува комуникацијата меѓу АХВ и надлежните корејски институции, со што ќе се содадат дополнителни можности за конкретни заеднички активности и иницијативи.


