Колумна

АКРАЗИЈА (1) – АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

litovski-foto

Последниве денови, на планот на идеологијата, кај нас сè се движи во рамки на националшовинизмот и религиозниот фундаментализам. Така покрај „вербата во Бог“ и во „светиот крст“ кој никнува насекаде околу нас, за „напредување“ во општеството, клучна стана и вербата во митската претстава за „голема обединета Македонија.“ Сета „филозофија“ и „историја“ на нашите прости, недообразовани и невоспитани  портокалови националисти, се состои од „херојските и ненадминати победи на Александар“ и „светското господство“ воспоставено од него, од „епичната“ комитска „борба“ и наводните терористички акции на тодоралександровата и ванчомихајловата ВМРО за „независна и обединета Македонија“, па се до сегашниот Водач како отелотворение на „националната гордост, борбеност, независност…“

Оваа идејно-национална и интелектуална регресија на македонското општество не само што е во „предворјето на историското и човечното“ (Милан Кангрга), па не содржи никакви хумани вредности, туку е целосно луда и антимакедонска. Оти, место реална политика која нацијата ќе ја води кон реални и достижни цели, кај нас се велича врховизмот, се антиквизира свеста, се пропагира неслободата, се градат крстови, ѕидови и жици за да се одделиме од цивилизацијата. Заради сето тоа, заради празната верба во Бог и несфатливата верба во еден блесав мит, но и заради десетгодишната епохална кражба на македонските материјални добра, ние се наоѓаме пред опасноста да доживееме целосна национална катасторфа.

Фактички нам ни се случува македонска национална акразија, бидејќи под отровното дејство на партиско-пропагандните халуцинации мнозина наши луѓе започнаа да не го одбираат она за што точно се знае дека е праведно и добро, одбиваат да се движат по патот на современите општествено-економски текови, одбираат да ги игнорираат цивилизациските вредности и одбираат да им го свртат грбот на хуманото, исправното и национално корисното. Така, наместо да разговараме како да постигнеме национален и персонален просперитет, ние како доминантен дискурс имаме инсистирање на митската основа на државата и народот, на античкото, праисториското и библиското потекло, на симболите кои, наводно, митски и религиозно ја потврдуваат неколкуилјадната државност и исто толку стариот етнички континуитет.

Да се изрвши национално самоубиство е, во принцип, глупост од свемирски размери, ама митологијата, исто така во принцип, не признава разумност. Впрочем, кретенските историски појави не се реткост, па не треба да зачудува ниту нашата разгранета глупост денеска, која, попатно кажано, е логичен резултат на безмилосната тотална фашистичка пропаганда и на рушењето на сите вредносни и морални норми од втората половина на предходниот век, кои пак го влечеа развојот на македонските луѓе и македонската држава. Денес, како што лесно можеме да забележиме од купиштето на шунд политика, шунд литература, шунд радио-телевизиска и филмска програма, шунд интернет продукција и, дури, шунд продукција од културните институции, се форсира еден идеолошки поглед втемелен на најневеројатни идеи, претстави и митови, а сè со цел да се сочуваат привилегиите кај портокаловата буржоазија и нејзините клиенти.

Сподели: