Амбасадорскиот совет во Скопје – силна и активна македонска дипломатија

Сподели:

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција го најави одржувањето на Амбасадорскиот совет, кој во четврток и петок во Скопје ќе ги собере шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство.

Ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во нашата држава со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва. По повеќе години, македонската дипломатска мрежа повторно се собира на едно место за директна, суштинска и стратешка координација.

„Амбасадорскиот совет е еден од најважните механизми за стратешка координација на македонската дипломатија. Целта е јасна: да направиме пресек на сработеното, да ги усогласиме позициите и, пред сè, да поставиме конкретни задачи за периодот што следува“, истакна Муцунски.

Во фокусот на Советот ќе бидат европската и евроатлантската агенда, геополитичките и безбедносните промени, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење. Во рамките на Советот, дипломатите ќе имаат директен дијалог со претседателката на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието.

Посебен акцент на годинашниот Совет ќе биде ставен на економската дипломатија. Значаен дел од Советот ќе биде посветен и на модернизацијата и дигитализацијата на конзуларните услуги, подобрата институционална координација и поблиската комуникација со дијаспората.

„Дипломатијата има смисла само ако создава конкретна вредност за државата и за луѓето на кои им служи. Нашата цел е македонскиот граѓанин, каде и да се наоѓа, да знае дека неговата држава е таму кога му е потребна“, истакна Муцунски.

Сподели: