Со години укажуваме дека законите немаат вредност ако не се применуваат. Затоа сметаме дека е важно јавно да се препознае кога конечно гледаме реално постапување, а не само формални надлежности на хартија, изјавија од Анима Мунди.
Во последната година забележуваме високо ниво на посветеност и оперативност од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Се постапува по претставки, се вршат инспекциски надзори и се преземаат мерки во случаи кои со години остануваа без институционален епилог.
За првпат гледаме санкции за лица кои јавно објавуваа колеж на свињи и суровоста ја претставуваа како повод за гордост. Благодарение на професионален и навремен инспекциски надзор беа констатирани повеќе прекршувања и изречени соодветни санкции. За првпат гледаме постапување и кога прекршителите се носители на јавни функции, како во случајот со незаконското заловување и дислокација на бездомни кучиња во Гостивар. За првпат гледаме и одземање на злоставувани животни – кучиња, коњи и други жртви на човечка неодговорност – и обид да им се даде шанса наместо да бидат препуштени на страдање.
Начинот на кој едно општество се однесува кон најранливите: децата, старите, болните и животните, е најточниот показател за неговата морална зрелост. Односот кон животните никогаш не е само прашање за животни, туку на етика, одговорност, култура и цивилизациски вредности.
Да, казните и понатаму се ниски и често не ја одразуваат тежината на прекршоците. Но тоа е прашање на законска рамка која мора да се менува. Важно е што денес гледаме волја да се постапува, да се врши надзор и да се утврдува одговорност таму каде што со години имаше молк. Тоа не се само административни постапки, туку пораки за тоа какво општество можеме, доколку се вложуваме сите, да бидеме.
Посебно ја цениме подготвеноста на Агенцијата да ги отвори измените на Законот за заштита и благосостојба на животните и да ги вклучи организациите што со години работат на терен. Конечно се отвораат клучните теми за одговорно сопствеништво, напуштање и неконтролирано размножување – без кои нема решение ниту за бездомните животни, ниту за безбедноста на граѓаните.
Очекуваме поддршка од сите институции, централни и локални.
Ја поздравуваме работата на инспекциските служби, а особено посветеноста на в.д. раководителката на Секторот за инспекциски надзор. Благодарност за достапноста и ангажманот и надвор од работно време, пример е за она што значи личен интегритет.
Анима Мунди е меѓу најгласните критичари на институциите кога нема постапување, затоа подеднакво сме гласни и кога гледаме професионалност, интегритет и резултати.
Од нас има поддршка и ветер во грб за секој инспектор и службеник што не прави разлика меѓу граѓанин, бизнисмен, функционер или градоначалник. Систем се гради само кога законот важи подеднакво за сите.
Во име на животните кои немаат глас – благодарност до раководството и луѓето во АХВ кои покажуваат дека институциите можат да бидат и стручни и човечни; дека емпатијата не е слабост, туку зрелост на системот, велат од Анима Мунди.


