Македонија повторно гласаше ПРОТИВ резолуцијата „Борба против глорификацијата на нацизмот, неонацизмот и другите практики што придонесуваат за поттикнување современи облици на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и сродна нетолеранција“, предложена од Русија.
Резолуцијата беше усвоена во Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации со 117 гласа ЗА, 53 ПРОТИВ и 9 ВОЗДРЖАНИ. Ваквото гласање на Македонија, усогласено со ставовите на САД и земјите членки на ЕУ, не е ниту изненадување, ниту неочекувано, особено што е јасно дека доаѓа од власт сочинета од партии чии идоли се Ванчо Михајлов и Џемо Балистот, велат од Левица.
Власта повторно покажа дека нејзиниот т.н. ʼевроатлантски курсʼ подразбира безусловно следење на политичките директиви на западните центри на моќ, дури и кога тие подразбираат отстапување од сопственото антифашистичко наследство. Ваквиот вазалски пристап во надворешната политика не е новост, но станува особено симптоматичен кога се има предвид дека во самата држава со години се спроведува процес на рехабилитација и величење на фашистички соработници. Се подигаат споменици на балистички водачи, се именуваат улици по нив, се отвораат клубови со имиња на фашистички дејци, додека спомениците на Народноослободителната борба се оставени на заборав и пропаѓање.
Левица потсетува дека уште во 2022 година поднесе Резолуција против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици, која беше блокирана во Собранието. Денес, истите политички структури кои не дозволија парламентарно осудување на фашистичката рехабилитација, преку своето гласање во Обединетите нации продолжуваат да ја демонстрираат сопствената политичка определба.
Антифашизмот не е декорација за свечени говори и одбележување годишнини. Или се осудува фашизмот во сите негови облици, или неговото осудување е обична политичка фарса! – реагираат од Левица,


