Вести Свет Ударни вести

Атентат врз екс јапонскиот премиер Шинзо Абе

Сподели:

 

За време на говорот кој го држел на предизборен митинг во регионот Нара, врз поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе било стрелано од зад грб. Новинската агенција Џији, повикувајќи се на кругови од либералнодемократската партија ЛДП на Абе, јавува дека по истрелите тој паднал и обилно крварел од вратот. 67-годишниот политичар бил итно пренесен во болница, но не покажувал витални функции, пренесува Дојче Веле.

Новинската агенција Кјодо цитира една жена очевидец: „Тој држеше говор и еден човек дојде од зад него и испука најмалку два куршуми. По вториот куршум, обезбедувањето го опкружи Абе и презеде мерки за реанимација“.

 

Портпарол на јапонската влада соопшти дека е уапсен осомничениот напаѓач, ТВ НХК јави дека кај него било пронајдено огнено оружје.

Абе поднесе оставка од премиерската функција во 2020. година, но и натаму претставува важна фигура во владејачката Либерално демократска партија. На чело на јапонската влада беше од 2006. до 2007. и потоа од 2012. до 2020. година, со што е јапонски премиер со најдолг стаж.

Под негово водство, Јапонија сврте забележително кон десно, а Абе се смета за еден од најрешителните поборници на ревизија на  пацифистичкиот повоен устав,  според кој Јапонија за сите времиња се откажува од војна како суверено право на нацијата и од закана или вршење насилство како средство за решавање на меѓународните спорови.

DW

Сподели: