Алтернатива Настани

Ацо Шопов во литературното списание „Апулеј“, Париз

Сподели:

 

Вчера, 22 мај 2023 година, во просториите на издавачката куќа „Зулма“ од Париз, беше промовиран осмиот број на годишното списание за литература „Апулеј“ во кое еден блок му е посветен на Ацо Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање.

Под наслов „Ацо Шопов: Поет низ кој дише светот“, блокот содржи опширен портрет на македонскиот поет (од Јасмина Шопова) и осврт кон симболиката на крвта (од францускиот писател Ив Бержере), придружени со песните „Има долу една крв“, „Небиднина“ и „Тажачка од онаа страна на животот“, како и со еден од неговите ретки прозни текстови „Во пет и седумнаесет“, посветен на скопскиот земјотрес кој се случи пред точно 60 години.

Осмиот број на списанието „Апулеј“ им посветува 450 страници на „Големите надежи“ и содржи поезија и проза од околу 90 писатели од европскиот и медитеранскиот свет, меѓу кои неколку писатели од Југоисточна Европа, како Василис Василикос и Георги Господинов. Покрај Ацо Шопов, во посебни блокови се претставени  францускиот поет Анде Бретон и алжирските писатели Мохамед Диб и Хавад.

Промоцијата ја водеа Лор Лероа, директорка на издавачката куќа „Зулма“ која го објавува списанието „Апулеј“, француско-алжирскиот писател Јахија Беласки, секретар на редакцијата на списанието, и францускиот писател со туниско потекло Хубер Хадад, директор на „Апулеј“.

 

На промоцијата беа претставени Ацо Шопов, Мохамед Диб и избор од современата иранска и јидиш литература. Шопов го претстави Јасмина Шопова, а стихови од него читаше француската писателка Доминик Меми. 

Сподели: