Бегалци се степаа во мигрантскиот центар Морија на Лезбос

Сподели

B32510C9-D571-414B-BFA7-647D5EC77EFF_cx0_cy7_cw0_mw1024_s_n_r1

Десетици повредени, голема материјална штета и вознемиреност е исходот од синоќешните насилни судири во мигрантскиот центар Морија на островот Лезбос. Доцна вечерта во кампот избија насилни инциденти меѓу групи бегалци од Авганистан и од Пакистан, кои есклираа со масовен пожар, при што е уништен дел од центарот. Тројца од повредените се пренесени во болница, а полицијата го евакуираше местото за да се избегнат понатамошни проблеми.

Сè уште не е позната причината за почетокот на насилните инциденти. Според информациите, меѓу овие две групи долго време владее тензија. Бегалците од Пакистан ги обвинуваат Авганистанците дека се однесуваат насилно и мафијашки, додека, пак, оние од Авганистан ги обвинуваат Пакистанците дека крадат храна и се обидуваат сексуално да ги малтретираат жените и децата од Авганистан.

Во судирите, бегалците запалиле оган од кој се разви огромен пожар во североисточниот дел на кампот, каде се наоѓаат и бројни шатори на УНХЦР и каде живеат главно бегалци од Пакистан и од Непал. Пожарот се проширил и надвор од границите на мигрантскиот центар. Пожарникарите, сепак, успеале половина час по полноќ да го стават под контрола.

Според информациите, во центарот имало мал број грчки полицајци кои не успеале навремено да ги спречат инцидентите. Во Грција се поставува прашањето зошто ниту еден од странските полицајци од Фронтекс не бил присутен во центарот да помогне во тој дел од ноќта.

Поради инцидентите, полицијата го отвори и го евакуираше кампот, дозволувајќи им на бегалците кој и кога сака да си замине од кампот или да се врати. Голем број од бегалците, главно семејства кои го напуштија центарот, ноќта ја поминаа или околу Милитини или во околните ниви околу центарот.

Судирите на Морија се речиси секојдневен проблем, но ова е првпат ситуацијата до овој степен да излезе надвор од контрола. Во мигрантскиот центар има околу 2.000 луѓе, сите дојдени по 20 март, односно по стапувањето на сила на договорот меѓу Турција и ЕУ. Голем дел од нив чекаат дали ќе добијат азил во Грција или, пак, ќе мора да бидат вратени во Турција. На Лезбос има околу 4.000 бегалци кои се таму повеќе од два месеци.

Покрај инцидентите на Лезбос, вчера се случи трагедија и во бегалскиот центар „Петра Олимпу“ во Пиерија, кога две малолетни деца бегалци се удавија во вештачко езеро во близина на кампот.

Бегалци се степаа во мигрантскиот центар Морија на Лезбос