Бесплатни информации од МИА за интернет порталите

Сподели

Македонската информативна агенција во соработка со Здружението на новинарите на Македонија  и Советот за етика во медиумите на Македонија излегуваат во пресрет на потребите на веб порталите за известување за претстојните избори.

На денешната заедничка прес-конференција првиот човек на МИА, Драган Антоновски објави дека сите интернет медиуми кои ќе го почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија и Повелбата за етичко известување ќе добијат бесплатен пристап до сите информации на МИА за Македонија во наредните три месеци. Идејата е на овој начин да се подобрат професионалните новинарски стандарди.

„Во име на нивно подигнување, во сопирање на пропагандата, дезинформирање и лажните вести сите портали кои сакаат да пренесуваат точни и проверени информации ќе може да бидат наши корисници бесплатно“ истакна директорот на МИА, Антоновски.

Првите луѓе на СЕММ и ЗНМ, Марина Тунева и Насер Селмани ја поздравија ваквата иницијатива на МИА. „Заедничката порака што ја испраќаме денеска е дека ги повикуваме медиумите да дејствуваат како стожери на јавниот интерес и да работат во согласност со највисоките стандарди на професијата“ рече Тунева.

Ваквата понуда од МИА ја поздравуваме и поддржуваме, вели Селмани, бидејќи таа е во согласност со заложбите на ЗНМ за објективно и професионално известување. Дополнително, според него, на овој начин ќе се засили саморегулацијата во медиумите и ќе се создаде амбиент во кој непрофесионалните новинари сами ќе се обележат и изолираат“.

Заинтересираните веб портали за да добијат бесплатен пристап до вестите ќе треба да се пријават во МИА за да можат да добијат пристап до нивниот сервис.