Интервју на МНР: Никола Димитров за „SKY News“

Сподели

Тие што се внатре често забораваат колку е студено надвор, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, за „Скај њуз“, одговарајќи на прашање што очекува од Велика Британија која излегува од Европската Унија.
– Ако не ни се допаѓа, ќе го следиме вашиот пример. Но, во Лондон сум да ја добијам поддршката од најстарата демократија во светот за тоа што сметам дека е надежна иднина за Македонија. Успеавме да излеземе од длабока морална криза, посилни и позрели – рече Димитров.
На прашањето што е толку привлечно во ЕУ, имајќи предвид дека Британците одлучиле да ја напуштат, Димитров го истакна владеењето на правото, слободата на медиумите и просперитетот.
– Во време кога светот станува понесигурен, сметаме дека ќе бидеме побезбедни и ќе имаме подобар просперитет и иднина ако сме дел од ЕУ. Сметаме дека подобро можеме да се справиме со предизвиците ако дејствуваме заедно, како, на пример, за справувањето со бегалците и со мигрантите, климатските промени и со тероризмот – рече Димитров, додавајќи дека Балканот ќе биде посреќно место ако е дел од ЕУ.
Во однос на бегалската криза, Димитров изјави дека Европската Унија треба да продолжи да ја поддржува Турција, бидејќи договорот ЕУ – Турција направил голема разлика и оти балканската рута треба да остане затворена. Тој истакна дека треба да се поддржува и Грција, затоа што надворешната граница на ЕУ е на грчко-турската граница.
– Мигрантската криза покажа колку Балканот е важен за безбедноста на Европа – рече Димитров.

https://youtu.be/8AwPhNeHzFI