Биланс од трагичниот настан во Берлин, 12 мртви и 48 повредени

Сподели

БЕРЛИН (АА) – Најмалку 12 лица загинаа, а 48 се повредени кога доцна синоќа камион влета на преполниот Божиќен пазар во Берлин, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот за внатрешни работи, Томас де Мезиер изјави дека нема да го користи зборот „напад“ за синоќешниот настан.

„Нема да го користам зборот, но сѐ укажува на тоа“, изјави Мезиер за државниот телевизиски канал АРД.

Портпаролот на полицијата на Берлин, Томас Нојендорф имаше обраќање пред медиумите на местото на настанот, Брајтшајдплац, во близина на меморијалната црква Кајсер Вилхелм во Курфирстендам.

„Возачот на камионот побегна, но уапсивме осомничено лице за кое мислиме дека е возачот. Тој во моментот е на испитување“, изјави Нојендорф.

Според него, совозачот е пронајден мртов на местото на настанот, а истрагата во моментот оди во насока на испитување на тоа дали станува збор за несреќа или терористички напад.

Берлинската полиција претходно соопшти дека пронајдениот мртов совозач е државјанин на Полска. Исто така, полицијата на својот профил на Твитер потврди дека камионот имал полски регистарски таблички.

„Постојат сомневања дека камионот е украден од градилиште во Полска“, наведе полицијата.

Од друга страна, германскиот дневник „Велт“ објави дека осомничениот возач е бегалец од Пакистан кој во февруари оваа година стигнал во Германија.

Весникот „Тагесшпигел“ наведува дека возачот од претходно ѝ бил познат на полицијата за помали кривични дела, а не поради поврзаност со терористички групи.

Меѓутоа, полицијата не го открива идентитетот на осомничениот поради истрагата којашто е во тек.

За денес е закажана прес-конференција на која се очекуваат повеќе детали.

Божиќниот пазар во Берлин е сместен на една од најпрометните улици, каде што се подигнати стотици дрвени колиби и штандови за посетителите.