Борел: Ќе започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија

Сподели

 

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел порача дека дека Европската Унија не се преправа оти го сака Западен Балкан во свои рамки, но и дека државите од тој регион „мораат да ја завршат својата домашна задача“ и да извршат реформи, пренесува „Дојче Веле“.

„Морам да ја отфрлам идејата дека ние (ЕУ) се преправаме дека го сакаме Западен Балкан во свои рамки“, изјави Борел на онлајн конференцијата во организација на Атланскиот Совет што се одржа вчера.

Како приоритети во реформите во државите од Западен Балан Борел ги истакна независното судство и борбата против корупција.

„Државите од Западен Балкан мораат да ја завршат својата домашна задача, мораат да извршат реформи и да исполнат стандарди за да бидат прифатени како членки“, додаде тој.

Според неговите зборови интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е процес кој се одвива „чекор по чекор“.

„Ќе започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Повторно започнавме преговори меѓу Србија и Косово со специјален пратеник (Мирослав Лајчак) и мислам дека го поставивме тој дијалог на пат“, нагласи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, пренесува „Дојче Веле“.