Бројна публика на перформансот на македонските уметници на Прашко Квадриенале

Сподели

 

Прашкото квадриенале свечено се отвори со специјално направен перформанс во јавен простор и во присуство на градоначалникот на Прага, претставник на Министерство за култура и меѓу илјадници луѓе дојдени специјално за оваа најголема меѓународна културна манифестација посветена на дизајнот на перформансот и просторот. Тогаш премиерно се отворија изложбите на сите павилјони, се изведе перформансот „Градот како сцена “ на националниот павилјон и се претстави Студентскиот павилјон.

– Особено ми е драго дека успеавме да одржиме континуитет со наше присуство на овој мултижанровски интернационален настан и да го претставиме тоа што го работиме меѓу 59 павилјони а згора на тоа и за прв пат од основањето на Прашкото квадриенале со студентско присуство. Перформансите се одигруваат два пати на ден и за сега се многу забележани и со голем интерес. Редовно си доаѓа публиката на двата закажани термини, во 12ч и 14ч и останува потоа да поразговара со нас. Навистина не куражи таквиот прием и поддршка на нашиот шестмесечен работен процес и ни е дополнителен мотив за истражување на потенцијалите на градот и неговите ресурси не само во перформативни содржини кои го одржуваат она што намерно се заборава туку и во ангажирани заложби за подобрување на оваа ситуација – кажа Ивана Васева, кокураторка на националниот павилјон заедно со Филип Јовановски.

Огнен Марина, професор и декан на Архитектонски факултет заедно со своите парнери е дел од изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на Република Северна Македонија на квадриеналето, кое се одржува од 8 до18 јуни 2023 во Прага, Чешка.

Според него ова е извонредно искуство за студентите од Архитектонскиот факултет при УКИМ кои се дел од тимот и кои имаат уникатна можност да истражуваат, но и создаваат низ еден, за нив сосем нов инструмент на разбирање и креирање на градовите збогатувајќи го знаењето и разбирањето не само за нашите градови, туку и за нашето општество во целина.