Вести Изјави Ударни вести

Честитка на претседателот Заев за Денот на независноста на САД: Соединетите Американски Држави се нашиот најголем и најпосветен партнер во градењето на стабилна, демократска држава, 30 членка на НАТО

Претседателот на СДСМ Зоран Заев, испрати честитка по повод 4 јули, Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

Во честитката меѓудругото стои:

„На 4 јули 1776 година, пред 244 години, беше усвоена Декларацијата на независност на Соединетите Американски Држави. 4 Јули, Денот на независноста, е најголемиот празник на САД, а воедно е и одлична прилика за прослава на демократските вредности и идеали кои се темел на САД, и кои се заедничка основа на нашето блиско пријателство и стратешко партнерство.

Од нашата независност до денес, не сме имале поголем и попосветен партнер и поддржувач како што тоа биле САД. Секогаш биле со нас, и кога ни било тешко, давале помош и поддршка за заедно да ги надминеме премрежјата и проблемите со кои сме биле соочени. Секогаш биле и со нас кога сме постигнувале успеси и кога сме славеле, оти споделената радост со искрени пријатели е поголема радост, а споделениот успех е поголем успех.

Благодарение на нивната помош и поддршка, за многу кратко време успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да ги зајакнеме нашите институции, да ја поставиме државата во вистинска насока и да ги реализираме нашите стратешки цели.

Денес, имаме постабилна држава, посилни институции, поразвиена економија, подобри односи со соседите, и сме полноправна членка на НАТО. Седиме на иста маса со нашите сојузници, рамо до рамо, со САД и со другите НАТО земји членки.

Еднаков дел сме од големото транс-атлантско семејство на народи. Заради нашето партнерство и заедничка соработка со САД, нашите граѓани денес уживаат поголеми слободи и права, во постабилна, побезбедна и попросперитетна држава.

Секогаш сум искажувал благодарност за срдечната, континуирана и дво-партиска поддршка што Република Северна Македонија ја добивала од САД, во сите мои средби и состаноци со конгресмени, сенатори и други претставници на САД, вклучително и во средбите со поранешниот потпретседател Џо Бајден, сегашниот потпретседател Мајк Пенс и претседателот Доналд Трамп.

Остануваме посветени на натамошно унапредување на нашите односи, како традиционални партнери и сојузници во НАТО“.

Сподели: