Честитка од Доналд Трамп по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија

Сподели

 

По повод 8. септември, Денот на независноста, писмo со честиткa до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски упати претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

Во писмото се вели дека претседателот Трамп и американските граѓани заеднички упатуваат срдечни честитки до претседателот Пендаровски и граѓаните на Северна Македонија, по повод 28-та годишнина од нашата независност.

„Ви честитам за континуираното спроведување на историскиот Договор од Преспа, кој носи поголема безбедност и просперитет за граѓаните на Северна Македонија. Посветеноста на вашата земја на демократските принципи, владеењето на правото и отчетноста на владата се за пофалба. Соединетите Американски Држави силно ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО, и со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата соработка во унапредувањето на мирот, просперитетот и стабилноста во регионот“, стои во писмото на претседателот Трамп до претседателот Пендаровски.

Честитки до претседателот Пендаровски по повод 8. септември, Денот на независноста, испратија и претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, шефови на држави-членки на Европската унија, како и од регионот и од соседството.