Чествување на големиот македонист-афирматор, холандскиот писател А. ден Долард

Сподели

 

Поети, универзитетски професори, туристички работници и други заинтересирани и почитувачи, со поетско читање во КИЦ Култура 365, одбележаа 119 години од раѓањето на А. Ден Долард, големиот холандски писател и вљубеник во Македонија.

 

 

Иако поминаа 25 години од неговата смрт, А. ден Долард и понатаму се смета за најголемиот промотор на Македонија во Кралството Холандија, но и пошироко во западниот свет.

Во периодот помеѓу 1931 и 1994 година тој објави бројни книги и новинарски статии коишто беа инспирирани од неговите посети на Македонија.

 

Тој до денес е најплодниот холандски писател, а меѓу најзначајните дела спаѓаат Свадбата на седумте цигани, кај нас преведена како Свадба во Охрид и Ориент експрес.

Ориент експрес, првично на холандски јазик е објавена во 1940 година, по што е многупати преобјавувана, сѐ до  последното издание од 1994 година.

Четири години подоцна, инспириран од ова дело, во Охрид доаѓа Илја Еренбург, каде го пречекале академик Блаже Конески и охриѓанецот, академик Димче Коцо.

Првото издание е објавено во едиција, заедно со многумина светски класици, како Томас Ман, Максим Горки, Рајнер Марија Рилке и други.

– А. ден Долард како човек и писател има големо значење за холанѓаните, но и за нас македонците посебно за охриѓаните. Пред Втората светска војна тој овде ги согледува состојбите, животот, културата, па сé она што го доживеал го запишал во своите книги и романи. Најзначаен за нас е „Свадбата на седумте цигани“ со што го изнесува Охрид како културно наследство, но и како поширока целина пред холандската читателска публика и со право до денес останува најверен и најголем промотор на македонците и Македонија. Секое лето среќаваме холанѓани кои го кажуваат неговото име, што значи дека оставил некоја трага во времето и има големо влијание на холандско македонските односи на повеќе нивоа, не само во туризмот. Тој цел живот ја истакнувал и негувал љубовта кон Македонија, зборувал, пишувал за Охрид, потенцира на денешната свеченост Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“.

Предавање на тема Неизмените богатства на Македонија во делата на А. ден Долард, одржа проф. д-р Димитар Пандев.

-А. ден Долард, во време на најжесток терор и безобзирна диктатура на териториите од Кралството Југославија, ја препознава вистинската национална слика на Македонија и националните особености на Македонецот. Тој дојде во Македонија како репортерска поддршка на научната проверка на веќе осознанениот податок дека ренесансата не започнала во Италија, туку во Македонија, а замина со цврста определба дека Македонците ќе се изборат за своја национална самобитност. Не е тоа само журналистичка интиуција, туку дедуктивен заклучок врз основа на мноштво разговори со македонски револуционери меѓу двете светски војни, потенцираше д-р Пандев.

Во 2011 година во просторот на „Култура 365“ беше отворена Спомен собата со постојната поставка на фотографии, оригинални публикувани дела и извадоци од книгите на А. ден Долард.

Во 2012 година, Мишо Јузмески ја објави книгата „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“, која беше преведена на холандски и англиски јазик.

 

 

На овој голем афирматор, охриѓани во 2006. година му подигнаа Споменик, во Холандскиот парк, на атрактивна локација на самиот езерски брег.

Веле Митаноски