Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Чичаковски: Насилството никогаш не е решение!

Претседателот на Државната изборна комисија денеска упати апел до политичките партии итно да престанат со сите инциденти и порача дека насилството може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес и на државата.

– Државната изборна комисија најостро ги осудува сите досегашни инциденти во пресрет на локалните избори што ќе бидат одржани на 15 октомври. Тие го нарушуваат демократскиот амбиент и изборниот процес во Република Македонија, и треба да престанат, изјави денеска Чичаковски.

Кандидатите за градоначалници и советници, како и политичките партии кои тие ги претставуваат, укажува Чичаковски, потпишаа кодекс за фер и демократски избори со што се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење и дека ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.Со потпишувањето на кодексот и самите партии се обврзаа пред граѓаните на Македонија дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат.

– Секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес, е спротивно на кодексот, на законите, правилата и прописите на Република Македонија кои се релевантни за изборите, изјави Чичаковски.

Во име на ДИК, ги повикува надлежните институции да ги расветлат немилите инциденти и да ги казнат сторителите, а сите политички партии да придонесат кон смирување на страстите, да влијаат на своите членови и кон спречување на какво било идно насилство или инциденти.

– Насилството никогаш не е решение! Тоа не му помага на никого, и може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес, на државата. Уште еднаш апелираме кон итно престанување на сите негативни појави, кон почитување на противкандидатите и кон фер и демократски избори. Избори се победуваат на 15 октомври со јасно изразена воља на граѓаните, со голема излезност и индивидуално право на секој граѓанин да гласа за оние кандидати кои смета дека се најдобри, а не со насилство, изјави претседателот на ДИК.

Сподели: