Даут-Пашин амам: Ретроспективна изложба на Драган Попоски ДАДА

Сподели

 

Ретроспективна изложба на Драган Попоски ДАДА, Даут-Пашин амам, 24. октомври

Националната галерија на Македонија, во рамките на одбележувањето на 70 годишнината од своето основање, ја најавува ретроспективната изложба на македонскиот скулптор Драган Попоски Дада.

Драган Попоски Дада е роден во Прилеп 1933 година. Академија за ликовни уметности (1961) и постдипломски студии (1964) завршил во Белград, во класата на проф. Јован Кратохвил. Работел како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Студиски патувања остварил во Грција, Италија, Англија, Франција, Германија, Полска, САД. Од 1965 година навака, реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал на бројни групни претставувања во земјава и во странство. Автор е на повеќе монументални дела и е добитник на повеќе награди, меѓу кои во 1981 година највисоката републичка награда „11 Октомври“.

Уметничкиот развоен пат на Драган Попоски – Дада е долг, со повеќе развојни творечки етапи. Неговите облиците имаат конкретни инспиративни извори во природата и нештата што го опкружуваат, предадени се во вид на лесна стилизација, преку помалку или повеќе асоцијативни форми кои ги селектираат деталите до степен на минимализирање на нивната асоцијацијативност. Од друга страна, пак, неговите фигури се исто така суптилно стилизирани, со монументално чувство во внимателното градење на односот на масите.

Изложбата ќе содржи скулптури и цртежи од сите творечки периоди на значајниот македонски уметник Драган Попоски Дада. Делата кои ќе бидат претставени се сопственост на авторот, на повеќе институции (НУ Национална галерија на Македонија, НУ Музеј на современата уметност, НУ Музеј на Македонија, Центар за современа ликовна уметност – Прилеп, СОЗР при Влада на РМ и др.), како и на значаен број приватни сопственици. Изложбата ќе биде отворена до 24.11.2018 година.