Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод големиот христијански празник – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и епарх струмичко-скопски и до сите верници од католичка вероисповед.
“Ми претставува особено задоволство, Вам и на сите верници од католичка вероисповед, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден. Најискрено, посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, радост, љубов и среќа. Речиси два милениума Христовото воскресение, одново и одново ни влева надеж и верба во доброто, како неуништлив белег на човечката природа.
Во овие тешки времиња, кога темни облаци се надвиснати над човештвото и кога војната го всади стравот во луѓето, верувам дека Велигден, како празник над празниците, ќе донесе мир, духовност и мудрост. Исус Христос нè научи дека без емпатија, солидарност и толеранција и без разбирање на другиот и поинаквиот, нема соживот.
Очекувам Велигден да го разбуди Божјото во сите нас, да нè потсети дека животот е посилен од смртта, а светлината од темнината и да ни помогне да исчекориме напред, по Божјиот пат!
Христос воскресна!” Гордана Сиљановска-Давкова


