Дебатен филмски клуб ЛАЛЕ во МКЦ

Сподели

 

МКЦ, 27.октомври, почеток во 20 часот

Нашето мото: „Надоместете го пропуштеното“ и понатаму ќе го практикуваме со идеја за подобар увид во филмови, кои со својата инфлуентност и режисерски приод несомнено претставуваат темелници на модерната кинематографија. Од друга страна, бидејќи современиот филм сѐ повеќе се потпира на технолошките иновации губејќи ја наративната есенција и авторскиот потпис, нашата селекција претставува навраќање кон вредностите на филмовите од блиската историја, една лепеза од наслови коишто имаат поинаква естетска димензија, филмови без претенциозност и надменост, филмови зад кои стојат режисери со префинет вкус и испечен занает. А нивниот чесен пристап кон уметноста, ќе се увериме дека изнедрил чудесни филмови.
 
Во месеците октомври, ноември и декември ќе гледаме и ќе дебатираме за 6 филмови од европски режисери, кои направиле неверојатна синтеза од сопствента љубов кон филмот и љубовта како неодминлива филмска тема:
Шведска љубовна приказна (En karlekshistoria) | Рој Андерсон
Багдад Кафе (Bagdada Café) | Перси Адлон
Паулина на плажа (Pauline A La Plage) | Ерик Ромер
Љубовен гласник (The Go-Between) | Џозеф Лоузи
Вљубени жени (Women In Love) | Кен Расел
Жеравите летаат (Летят журавли) | Михаил Калатозов
За дебатите по проекциите ќе имаме прилика да разговараме со неколкумина македонски режисери. Се договараме наши гости да бидат: Дина Дума, Владимир Блажевски, Митко Панов, Ѓорче Ставревски…
*Настаните ќе се одржуваат со строго почитување на актуелните ковид-протоколи.
*Влезот е слободен. Ќе се одвива по принципот прв дојден – прв услужен.
#MКЦСкопје #ДебатенФилмскиКлуб