„Дела на хартија“ – Изложба на Петар Хаџи-Бошков во МСУ

Сподели

Во Музејот на современата уметност во Скопје, вечерва во 20 часот ќе биде отворена ретроспективната изложба „Дела на хартија“ на еден од најзначајните македонски скулптори Петар Хаџи-Бошков (1928-2015, Скопје).

Изложбата „Дела на хартија“ за првпат го претставува творештвото на Хаџи-Бошков видено низ призмата на цртежот и графиката, како значаен дел од создавањето на неговиот скулпторски опус, но и како автономен дел во формирањето на неговите уметнички и авторски дострели. Хаџи-Бошков е исклучително плоден уметник кој во текот на педесет години од своето творештво има создадено околу 2.000 графики и цртежи, со кои се претставува редовно на своите самостојни изложби, но и на многубројни меѓународни изложби, а добитник е и на редица домашни и интернационални награди за графика. Овој дел од неговото творештво досега е поцелосно прикажан единствено во рамките на неговата прва ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност во Скопје во 1989 година.

Изложбата „Дела на хартија“ вклучува голема селекција од над 300 графики, цртежи, графички мапи, скици, студии и колажи, од кои неколку значајни циклуси и проекти на уметникот ќе бидат изложени за првпат пред нашата јавност. Така на пример, на изложбата ќе може да се види последниот голем циклус на извонредно сугестивните монотипии и цртежи насловени „Психопејзажи“, работени помеѓу 1998 и 2004 година, како и скиците и подготовките за проектот „Крајот на векот“ за нереализираното учество на Биеналето во Венеција во 1999 година.

Изложбата ќе биде отворена до 01 август 2017 година.