Детскиот театарски фестивал „Фенер“ со мотото „Сподели светлинка“ за децата бегалци

Сподели

Од 16-ти до 18-ти декември, Буден Театар за трет пат го организира меѓународниот детски театарски фестивал „Фенер“, овој пат под мотото „Сподели светлинка“. Преку своето мото и програмата фестивалот повикува на општествено интегрирање на децата бегалци и ослободување од предрасудите со кои тие се соочуваат.

Отварањето на фестивалот, во петок на 16 ти декември, ќе се случи паралелно на две локации, воТранзитниот центар Табановце и Прифатниот центар Визбегово, гест со кој Буден Театар сака да го насочи внимаието кон децата кои дел од своето детство нарушено од војната го поминуваат изолирани во бегалските кампови во Македонија.

Во текот на викендот, за македонскатадетска публика е предвидена програма која ќе се презентира во Кино Култура, Скопје.

Во рамките на „Фенер“ ќе се прикажат претстави од Шведска, Австрија и Бугарија, кои се тематски поврзани со судбината на децата бегалци, како и предпремиерата на најновиот проект на Буден Театар. Исто така ќе бидат реализирани и детски креативни работилници, а фестивалот ќе биде затворен со концерт.

„Театрот Ну”, од Виена, Австрија, ја прикажува претставата „Да се спакува куфер”, базирана на игра типична за германските деца во која се измислуваат нештата кои може да бидат спакувани. Спакуваниот куфер, премал да ги собере сите важни нешта, асоцира на сите деца кои бегајќи од војната беа принудени да го спакуваат својот дотогашен живот во мали ранчиња. Претставата ќе биде прикажана во Кино Култура на 17-ти декември, сабота, од 12 часот.

Театрот „Мартин Мутер” од Шведска, ја прикажува претставата “Најосамениот кит на светот”, која ја третира темата за изолираноста и осаменоста кога поединецот зборува поинаков јазик од останатите во неговото опкружување. Претставата користи водена музика, и преку танц и движење ја раскажува малечката приказната за големото тажно животно. Претставата ќе се прикаже во Кино Култура на 18-ти декември, недела, од 12.30 часот.

Австрискиот “Театар Ну”, и шведскиот “Мартин Мутер театар”, веднаш по претставите, ќе имаат и креативни работилници наменети за децата.

Театрот „Констатантин Величков” од Пазарџик, Бугарија, ја прикажува наградуваната куклена претстава „Јованче и Марика”, нудејќи ново современо видување на класичната приказна. Впрочем најстрашната вештерка на денешницата е војната, и таа принуди огромен број деца, како Јованче и Марика, да го загубат патот кон дома. Претставата ќе се прикаже во Кино Култура во сабота 17-ти декември од 19 часот, како и во недела 18-ти декември од 11 часот.

Авторската продукција на Буден Театар „Писмо некому” се оформи како резултат на двомесечни интензивни креативни работилници со децата бегалци и со децата од О.У. Кочо Рацин. Премиерата ќе се случи на 18-ти декември во 18 часот.

„Во текот на процесот децата меѓусебно разменуваа видео пораки, што беше инвентивен начин да се оствари запознавање и зближување, во сегашните услови кои ги оневозможуваат директните средби. Целта на овој проект беше да се надминат наметнатите негативните стереоптипи поврзани со бегалците на кои децата неретко им подлегнуваат. Исто така пректот помогна кон намалување на изолацијата во која живеат бегалските деца, и им овозможи прв контакт со деца од Македонија. Проектот беше поддржан од Цивика Мобилитас и реализиран во соработка со СОС Детско село“, информираат организаторите.

Фестивалот ќе биде затворен со концертот „И музиката свети”, на кој познати изведувачи од македонската музичка сцена ќе се претстават во поинакво светло, настапувајќи содетски песни, отсвирени на инструменти-детски играчки.

Целосната програмата на фестивалот може да се најде на budenteatar.org.

Билети за претставите можат да се купат во претпродажба на kupikartizase.com. Цената на претстава е 150 денари, претстава со работилница 200 денари, додека за концертот „И музиката свети“ влезот е слободен.

Меѓународниот фестивал за куклен театар “Фенер”, оваа година е поддржан од Град Скопје, Австриската амбасада, Хотелот Арка, Еуростандард банка, Бугарскиот културен центар и Ресторанот Тото, а се реализира во соработка со Кино Култура и СОС детско село.

radiomof.mk