Џафери го промовираше мандатниот Извештај за неговата работа во Собранието

Сподели

 

Денеска, на покана на претседателот на Собранието на РС Македонија, Талат Џафери, на промоцијата на Мандатниот извештај за неговото работење во текот на мандатниот период од мај 2017 до февруари 2020 година, беа присутни потпретседателите на Собранието: Мисовски, Ременска, Рамчиловиќ; координаторите Јован Митрески, Ејуп Алими; пратеникот Панчо Минов; генералната секретарка Цветанка Иванова; како и амбасадорите и претставниците на амбасадите на земјите членки на ЕУ и надвор од неа, и претставници од УСАИД и НДИ.

 

 

Претседателот Џафери ја образложи причината за изготвувањето на овој Мандатен извештај, кој што се изготвува за прв пат за претседател на законодавен дом, а тоа е неговата определба за транспарентност во работењето, оставањето траг од тоа работење.

Со краток преглед на содржината на извештајот Џафери говореше за неговиот личен аспект на гледање и сфаќање на оваа значајна должност, при што наведува дека неговите приоритети биле да биде претседател на законодавниот дом на сите граѓани и на сите пратеници, да работи во насока на постигнување на функционално Собрание и транспарентно и отворено за соработка Собрание кон граѓаните, граѓанските и меѓународните организации, достигнувањата на Собранието во неговиот мандатен период и во кои имал личен придонес, каде што се наброени донесените акти од суштинска важност за зацврстување на демократијата, потпишаните Меморандуми за соработка и проектите.

Потоа следеше делот со надворешно-политички билатерални активности, па надворешно-политички мултилатерални активности, па обраќањата што ги имал и табеларен приказ на вкупниот број на одржано пленарни седници. Мандатниот извештај завршува со информација за други активности на претседателот, како што се интервјуа, гостување на телевизии, средби со граѓани и друго. Истиот е изготвен тријазично, албански, македонски и англиски и негова електронска верзија е достапна на веб страницата на Собранието.

 

 

Од присутните на средбата, прв за збор се јави амбасадорот Жбогар кој што се заблагодари за можноста да биде дел од оваа убава средба и се потсети дека тој беше првиот амбасадор кој што беше гостин во кабинетот на претседателот Џафери веднаш по неговиот избор, за потоа да се организираат првите средби во Брисел со челните претставници на Унијата, чин кој што беше во знак на потврдување на неговиот избор. Амбасадорот Жбогар нагласи дека за време на целиот мандат, соработката со претседателот Џафери, со Собранието и претседателството била секогаш блиска, искрена и сите биле секогаш отворени за соработка. Потврда за таа соработка е успешниот Жан Моне Дијалог кој што се одржува во континуитет, и тој се надева дека овој воспоставен ритам ќе продолжи и со новиот пратенички состав, за понатамошно консолидирање на демократијата и зголемување на транспарентноста. Потоа збор земаа амбасадорот на Романија и амбасадорот на Албанија кои се заблагодарија за одличната соработка и му посакаа успех во понатамошниот ангажман на претседателот Џафери. Збор зема и потпретседателката Ременски која истакна дека минатите години, како пратеници, заедно со претседателот беа исправени пред навистина тешки одлуки, за кои во јавноста имаше поинакви перцепции и дека сега се очекува верификација на тие одлуки, односно членството во НАТО и добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ. Таа истакна дека претседателот Џафери ја оправда довербата на сите граѓани и стоеше цврсто, исправено, со мудрост, доблест и дипломатска спремност и пружена рака кон сите. На средбата зборуваше и пратеникот Панчо Минов кој што рече дека уставните измени и сите реформски закони беа донесени со значајниот придонес и умешност во менаџирање на претседателот Џафери и неговиот третман на секоја личност како персона, сѐ во насока на донесување на тоа што е значајно за граѓаните и државата. За најголем успех на претседателот и на овој пратенички состав го смета донесувањето на Законот за Собрание, со измените  во делот за независност на службата и финансиска независност на законодавниот дом.

На крајот, претседателот Џафери се заблагодари на сите за соработката, поддршката и придонесот во остварувањето на зацртаните цели, односно да биде модел од политичар, кој води сметка за луѓето, за државата, и тоа го смета за обврска не за привилегија.