Вести Македонија Ударни вести

Џафери: Придонес за децата преку хуманитарната кампања You are Sunflower

Сподели:

Генералното собрание на Обединетите нации уште во далечната 1954 година, први јуни го прогласи за меѓународен ден на детето со цел да се мобилизира јавноста на обврските кои општеството ги има до децата, како и на актуелните проблеми со кои децата се соочуваат. Во 1989 година Обединетите нации носат посебно Конвенција за правата на детето, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање по повод хуманитарната кампања „Македонија ти си сончоглед“.

Основни принципи на Конвенцијата се: право на живот, опстанок и развој, право на партиципација, работење и делување во интерес на детето и недискриминација. За жал сведоци сме дека и денеска на глобално ниво има многу деца кои страдаат и се жртви како на најразлични воени конфликти, потоа се злоупотребуваат на најразлични начини во некои држави умираат од глад или од недостаток на медицинска помош и така натаму.

– Денеска сме овде токму да дадеме, можеби на прв поглед, скромен придонес за децата од нашата држава, но и за децата од регионот. Затоа сакам да изразам, како татко, како политичар, а пред сѐ како човек, голема благодарност до фондацијата You are Sunflower, која навистина своето делување го започнува во Тирана, а потоа се шири и на Косово и ете сега доаѓа и кај на во Македонија. Нејзината основна цел е пред сѐ здравството, односно како да се подобрат условите за лекување на децата и тоа од најтешките болести, како што е канцерот леукемијата и други – рече Џафери.

Тој додаде дека со купување на маица со симболот You are Sunflower, секој од нас дава придонес во лекувањето на нашите деца, а во исто време како луѓе покажуваме дека не сме ја заборавиле, односно изгубиле хуманата димензија, која би требало да ја носи секој човек. Исто така, покажуваме и дека како граѓани имаме и ја исполнуваме нашата општествена одговорност до најмладите членови на општеството кои утре ќе треба да го водат општеството и државата, но и да водат грижа за нас кои ќе бидеме веќе во есента на нашиот живот.

– Дозволете со симболично осветлување на заштитниот знак на фондацијата You are Sunflower, да ѝ посакам и понатаму да продолжи со својата благодарна и хуманитарна работа и делување. Сите ние знаеме да речеме дека децата се нашето богатство, ајде сите заедно да направиме нешто повеќе за сите деца, како кај нас, така и во регионот и пошироко – рече Џафери.

Сподели: