Државната изборна комисија попладнево го прифати приговорот на Беса и го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар каде што некој се потпишал на местото на Фатиме Сулејмани што беше констатирано и од официјален графолог.

– Со 6 гласа за и 3 против е усвоен приговорот на Беса. Констатирам дека ДИК има донесено решение гласањето да се поништи. Гласањето ќе се повтори само доколку вкупниот број на гласачи во тоа избирачко место влијае на конечниот резултат на изборите. Графолошкото вештачење го изврши Марина Совревска, дипломиран графолог инженер и заклучи дека спорниот потпис на име Фатиме Сулејмани не е автентичен со неспорните потписи со лицето Фатиме Сулејмани односно не е испишан од нејзина страна – рече претседателот на ДИК Александар Чичаковски.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека спротивно на Изборниот законик било одлучено да се прави вештачење од графолог и рече дека ваквата одлука е преседан и вон сите правни норми.

– Мојот став е дека треба да се отфрли приговорот затоа што и овој еден глас помалку не влијае на конечните резултати на тоа гласачко место. Со вештачењето се докажува дека госпоѓата не гласала но јас се прашувам во која постапка и врз кој закон, нејзината лична карта се нашла во раце на друга госпоѓа и како таа вешто го имитирала нејзиниот потпис. Треба да се утврди дали личната карта била украдена или била дадена на друг тој изборен ден и со која цел. Што ако се докаже дека намерно била дадена на друг? Избирачкиот одбор очигледно е доведен во заблуда затоа што тој што гласал во нејзино име ја имал нејзината лична карта. Согласно Кривичниот законик, Избирачкиот одбор и претседателот на општинската изборна комисија може да заработат казна затвор до 3 години – рече Бонева.

Игор Милев од СДСМ и реплицираше и и рече дека се што со закон не е забрането е дозволено и дека никаде не е забрането ДИК да донесе одлука да се направи графолошко вештачење.

ДИК со 2 гласа за и 7 против го одби приговорот на СДСМ за избирачкото место 1978 на кое, СДСМ тврдеа дека Избирачкиот одбор не ги спровел законите во постапката на сумирање на податоците. При сумирањето на резултатите, избирачкиот одбор утврдил дека има вкупно 443 важечки гласачки ливчиња, а при доделување на гласовите на кандидатите утврдил дека има 442 гласа. Набљудувачот од СДСМ сметал дека бројот на ливчиња е 444 и инсистирал да биде внесена во записник неговата забелешка, што Избирачкиот одбор не го направил, па тој десет минути по полноќ поднел приговор директно до ДИК.

Милев даде предлог да се изврши увид во целокупниот изборен материјал кој беше одбиен со 2 гласа и 7 против.

Бедредин Ибраими од ДПА рече дека гласа против затоа што во секој записник може да се најдат поправки и рече дека е нормално и човечки е да се погреши и дека се работи за обична, нормална корекција.

Со 5 гласа и 4 против беше усвоен предлогот да се изврши увид во целокупниот изборен материјал за гласачкото место 2016 каде беа повикани да сведочат и членовите на избирачкиот одбор и претседателот на општинската изборна комисија, каде како што тврдеше СДСМ, бил преправан записникот број 16. Од СДСМ и на ова гласачко место бараат поништување на гласањето.

На почетокот на денешната седница на ДИК овластениот претставник на СДСМ повлече два приговори кои се однесуваат на гласачки места во општина Тетово, во шестата изборна единица.

-Овластениот претставник на Коалицијата предводена од СДСМ на денешната седница даде изјава со која наведе дека го повлекува приговорот за избирачко место 1984 во Општина Тетово, изборна единица 6, како и приговорот за избирачко место 1983 исто така Општина Тетово, шеста изборна единица – рече Чичаковски

Пред седиштето на ДИК во 12 часот, кога требаше да започне седницата на ДИК, се собраа стотина поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, за како што велат „да ја одбранат изборната победа“.