Димитров: Груевски имаше фер судење, тоа го потврди и Стејт Департментот. Нема никакви закани по живот

Сподели

Иронија е и парадокс земја членка на ЕУ да му даде заштита на осуденик. Македонија во решавањето на случајот со унгарските власти ќе инсистира на почитување на владеење на правото и ќе ги земе предвид сите национални интереси вклучувајќи и интересот за добри односи со Унгарија, рече на денешната заедничка прес-конференција во МНР шефот на македонската дипломатија Никола Димитров со неговиот дански колега Андерс Самуелсен.

 Мислам дека во речниците случајот за Груевски може да се води под иронија и парадокс, бидејќи се работи за човек под чие што владеење Европската комисија ја дефинираше Македонија како заробена држава и имаме заклучок од Советот за општи работи од јуни годинава каде се бара правна разврска и одговорност за индициите за кривични дела што произлегуваат од прислушкуваните разговори поддржани од Европскиот совет. И сега Македонија како земја кандидат прави сѐ во Македонија да владее правото и навистина е иронија и парадоксално што човек што има пресуда, осуденик којшто се соочува и со четири други обвиненија и со пет истраги да најде заштита и добие азил во земја членка. Ова е проблем за Македонија, меѓутоа е проблем и за ЕУ и за кредибилноста на принципот на владеење на правото во ЕУ. Ние имаме еден сложен терен сега и ќе ги земеме предвид сите наши интереси меѓу кои и интересот за добри односи со Унгарија во решавањето за тоа што ќе правиме и како ќе правиме – рече Димитров.

Тој најави дека со неговиот унгарски колега Петер Сијарто ќе имаат средба на маргините на министерскиот состанок на НАТО на 4 и 5 декември, на којшто отворено ќе разговараат за овој случај.

Во врска со судењето на Груевски Димитров нагласи дека тоа било следено од ОБСЕ, од претставници на ЕУ и никогаш не добиле поплака, а неодамна Стејт департментот го окарактеризира како фер и транспарентно судење и оти не е доведен во прашање кредибилитетот на процесот.

– Немаме никаква пријава во МВР за закана по живот. Груевски имаше шест обезбедувачи по негов избор согласно Законот. Ако имаше несигурност можеше да побара уште. Така што, по сево ова ние мораме да продолжиме да инсистираме. Ниту за нас, ниту за Европа, ниту за Унгарија е добро кога има неселективна правда – рече Димитров.

Данскиот министер за надворешни работи Самуелсен истакна дека за случајот со Груевски бил информиран денеска на разговорите со Димитров и на темава ќе разговара со унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто на средбата во петок во Копенхаген.

Запрашан дали постои опасност и други земји да го следат овој пример на Унгарија да ги прифатат нејзините приговори во однос на состојбата со правосудството и да нѐ блокираат на нашиот пат кон ЕУ и НАТО, Димитров рече дека Македонија ќе инсистира на своите принципи и државниот интерес.

– Не сѐ што се случува е по наша волја. Наше е да инсистираме на принципите да објаснуваме. Кој било што ја следел ситуацијата во Македонија и сите извештаи од 2015, наваму ќе знае да процени, а тоа меѓу другото и се случува (изјавата на Хан и ставот на Вашингтон). Ќе работиме на тоа да се држиме до нашите принципи и нашиот државен интерес – вели Димитров.

Според него, никој нема корист кога не се почитува владеењето на правото и убеден е дека со оглед на оценките за тој процес нашиот кредибилитет е многу цврст по ова прашање.

– Принципот на владеење на правото е силен државен интерес и тој ќе биде земен предвид при сите идни контакти и чекори што како дипломатија ќе ги направиме со Унгарија. Меѓутоа, да најавувам нешто апсолутно ќе штети на самиот интерес. Ние имаме интерес Унгарија да нѐ поддржи за НАТО членство, за почеток на пристапни преговори. Така што сето ова заедно мора да се земе предвид и треба практично да ги убедиме дека и за нив е голем минус да се прави компромис со принципот на владеење на правото – рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.