ДИМИТРОВ: Цената на величественоста е одговорноста

Сподели

На покана на основачот и претседател на Delphi Economic Forum, а под покровителство на претседателот на Хеленската Република, Прокопис Павлопулос, МНР Димитров се обрати на централниот настан на Форумот, кој оваа година тематски беше посветен на „Предизвикот на инклузивниот раст“. 

Осврнувајќи се на предизвиците при постигнувањето на Договорот од Преспа, Министерот Димитров истакна:

-“Мислам дека имаме реална перспектива сите ние заедно во регионот да ја постигнеме визијата што со помош на Грција беше поставена пред многу години во Солун, 2003 година и реафирмирана лани во Софија, на друг самит на ЕУ-Западен Балкан. Ако се фокусираме на нештата што значат, ќе го овозможиме ова. Благодарен сум на премиерот Ципрас кој не мораше да го направи ова. И се присетувам на една позната изјава на друг славен државник, Винстон Черчил, кој изјави – цената на величественоста е одговорноста. И мислам дека начинот на кој постапувате со соседите, особено со оние што не се големи колку вас кажува колку е голема вашата нација. И мислам дека она што го направивте ја направи Грција поголема земја.”

МНР Никола Димитров е првиот претставник на високо ниво од нашата земја кој имал јавно обраќање на Форумот, а покрај него, во рамките на пленарната сесија оваа година свое обраќање имаа и премиерот на Грција, Алексис Ципрас, МНР на Кипар, Никос Христодулидис, потпретседателот на Владата на Романија, Ана Бирчал и МНР на Србија, Ивица Дачиќ.

Dimitrov Palmer

На маргините на настанот, МНР Димитров оствари повеќе билатерални средби. Тој се сретна со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер и со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат. На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелните политички прашања од регионот.

МНР Димитров оствари билатерална средба и со МНР на Грција, Џорџ Катругалос на која се разговараше за збогатување на натамошната секторска и друга соработка, предвидена во Договорот од Преспа.

Dimitrov Katraugalos

Заедно со својот грчки колега и со романскиот министер делегиран за европски прашања, Џорџе Чиамба, министерот Димитров имаше работна вечера на која беа разгледани прашања поврзани со европската перспектива на Република Северна Македонија и регионот, во очи на јунскиот Совет на ЕУ.

Во рамки на своето учество на Форумот, министерот Димитров реализираше средби и со поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, како и со лидерот на грчката партија Река (То Потами), Ставрос Теодоракис, кому меѓу другото, му беше упатена благодарност за неговата конструктивна улога во однос на Договорот од Преспа.

Dimitrov Papandreu

За време на престојот во Делфи, во рамките на своите медиумски активности, министерот Никола Димитров имаше интервјуа за грчката телевизија Скаи и грчкиот дневен весник Ефемерида Тон Синтактон.

Dimitrov Todorakis

Економскиот форум во Делфи има за цел преку обединување на светските лидери да го продлабочи разбирањето на прашањата и предизвиците кои влијаат на глобалната заедница, Европската унија, поширокиот Медитерански регион, како и на Југоисточна Европа.