Доделени 638 стипендии на учениците Роми во учебната 2020/2021

Сподели

 

На учениците Роми запишани во прво и во второ одделение во учебната 2020/2021 година им се доделени вкупно 638 стипендии. Сето тоа во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Редовно часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“.

Овој проект е имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија,  Здружението „Центар за образовна поддршка Дендо вас“ и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Како што информираат од Фондацијата Отворено Општество-Македонија, право на стипендија имаа ученици Роми, чии семејства се приматели на социјална помош, која е поврзана со приходите на семејствата.

„Следејќи ги овие критериуми, стипендии се доделија на вкупно 320 ученици од прво одделение. Стипендистите се од 58 основни училишта, од 31 општина. Воедно, во оваа учебна година се доделени 315 стипендии на ученици Роми запишани во второ одделение, и три стипендии за ученички запишани во трето одделение. Тие се од 56 основни училишта од 28 општини, 54 отсто се девојчиња, а 46 отсто се момчиња. На 280 од овие стипендисти им е обновена стипендијата за прво одделение доделена минатата година“, соопштија од Фондацијата.

Додаваат дека преку стипендиите ќе се намали финансискиот трошок на ромските семејства за школувањето на нивните деца. Стипендијата е за период од една учебна година и е во висина од 400 евра годишно. Со овие средства треба да се покријат трошоците за школување, храна, облека, училишен прибор и материјали, спортска и друга опрема за вон-наставни активности. Редовните ученици можат да ја задржат стипендијата за тековната година, a оние кои ќе преминат во следно одделение, потенцијално ќе можат да ја обноват и во наредната учебна година.

„Проектот има за цел да овозможи еднаков пристап до образование за децата Роми и да ги мотивира децата да бидат редовни на часови, но и да им помогнат на училиштата да обезбедат инклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат“, соопштија од Фондацијата, од каде потсетуваат дека проектот, финансиран од ЕУ, ќе се имплементира до октомври 2022 година.