Вести Македонија

Доделени наградите на СЕММ и ОБСЕ за најдобри новинарски стории

Сподели:

 

Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска, преку видео-обраќање на Фејсбук, ги соопшти наградите за најдобрите новинарски стории за инклузивно известување за различностите и предизвиците во образованието.  

Првата награда ја освоија Ана Цветковска, Борис Куноски и Ангела Рајчевска, од редакцијата на МИА, за сторијата на тема „Децата упатени во воспитно-поправен дом лишени од задолжителното образование“. Сторијата беше обработена преку серијал од текстови и видеоматеријали во кои се открива постоење индиции за дискриминација во образовниот процес во воспитно-поправните домови и опфаќа тема која е мошне релевантна за децата под социјален ризик. Серијалот од текстови ја поттикна Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да поднесе две претставки – првата за немањето право на воспитно-образовен процес за адолесцентите во воспитно-поправните домови, додека втората беше поврзана со родова дискриминација на девојчињата кои за истата мерка се упатени во затворски услови. Сторијата поттикна реакција и од државните органи да се преземат неопходните мерки за да се пронајде решение и да се овозможи образовниот процес во посоодветни услови. Обработката на темата се одликува со силен новинарски и тимски ангажман, сработена од повеќе аспекти во неколку наврати, со висок степен на урамнотеженост во известувањето.  

Втората награда  ја oсвои Соња Колевска-Делевска, од редакцијата на „Сакам да кажам“, за сторијата на тема „Државата им го зема додатокот на учениците со попреченост од 5.000 денари и ги дискриминира тие што се од рурална средина. Оваа сторија е развиена како серијал од текстови за тоа како на над 100 деца со физичка попреченост од руралните средини им бил одбиен детскиот додаток кога биле префрлени во интернат поради непромислен и непотребен подзаконски акт. По реакциите од надлежните институции беше изменет и подзаконскиот акт со кој на засегнатите ученици им се овозможи да продолжат да го добиваат додатокот. Текстот е сработен квалитетно и професионално, преку барање одговори и вклученост на сите засегнати страни и отвора прашање од висок интерес за обесправената група.  

 Третата награда ја добива Сенат Зулбеари, за сторијата „Не ја сакаат во класот бидејќи е со Даунов синдром, родителите на Амбла сакаат таа да учи со врсниците. Текстот во серијал отвора прашање за девојче со Даунов синдром кое не може да продолжи да следи настава заедно со нејзините другарчиња, заради притисокот што го прават родителите на другите ученици во самото училиште. Овој текст отвори прашање од висок јавен интерес за инклузивноста на овие деца во општеството, не само во образовниот процес, преку случајот на Амбла кој беше обработен во сторијата на едноставен начин, приемчив во известувањето, имајќи ги предвид сите страни во сторијата. Обработката на темата во медиумите поттикна и низа реакции и висок интерес од јавноста за изнаоѓање брзо решение за случајот со Амбла.  Откако случајот доби внимание ширум целата земја и ја подигна свеста за важноста на инклузивното образование, Амбла се врати на училиште. 

 Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и една пофалница за сторијата на новинарката Ана Зафирова, со наслов: „Маските се пречка во светот на глувите и наглувите“, објавена на Samoprasaj.mk, за иновативната визуелна обработка на сторијата за глувите и наглувите лица кои беа обврзани да носат маска за време на пандемијата.   

  Со жирито претседаваше Мигена Горенца, главна уредничка на втор програмски сервис -МРТВ2, а во чиј состав беа и членовите: Катерина Синадиновска, претседателка на УО на СЕММ и Дејан Андонов, програмски координатор при Институтот за комуникациски студии (ИКС).  

 „Ги повикуваме сите медиумски професионалци да станат сојузници при бранењето на човековите права, спречувањето понатамошна стигматизација, ставањето крај на ширењето дезинформации, разбивањето на гласините и стереотипите и охрабрувањето квалитетно и објективно известување за различноста,“ истакна шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која. 

 „Известувањето за маргинализираните лица во општеството подразбира да им се даде глас во медиумското известување, а на овој начин ги охрабруваме медиумите да известуваат за различни аспекти со кои се соочуваат ранливите групи во општеството“, рече Лилјана Пецова-Илиеска, извршна директорка на СЕММ. 

Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои стории во медиумите во Северна Македонија, во периодот од 1 мај 2021 до 1 мај 2022 година. На овогодинешниот конкурс се пријавија вкупно 40 новинарски стории од 30 различни автори/редакции.  

 Наградите се доделуваат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. 

Сподели: