Вести Македонија Став

ДОМ: Групирањето над 5 лица да не биде кривично дело

Сподели:

 

Зелената партија ДОМ апелира Владата да ја преиспита одлуката за носење уредба со законска сила, со која групирањето над пет лица на јавни места и површини ќе се смета за кривично дело. Сметаме дека со изрекувањето мандатни казни за групирање, како и за неодржување растојание од најмалку два метра и неносење заштитна опрема, би се постигнала целта за поголемо почитување на мерките за заштита од коронавирусот.

ДОМ ги поддржува мерките кои Владата по препорака на Комисијата за заразни болести ги носи со цел заштита на јавното здравје од коронавирусот. До сега превземените мерки даваат позитивни резултати во спречување на ширењето на вирусот. Епидемиската крива е со линеарен раст и здравствениот систем има капацитет да го пружи потребниот третман на заболените од Ковид-19.

Сметаме дека воведувањето порестриктивни мерки во градовите каде согласно епидемиолошките проценки има потреба, како Куманово, Тетово и Прилеп ќе придонесат за поефикасна заштита на здравјето на населението. Во останатите населени места, каде постои можност согласно мислењето на епидемиолозите, предлагаме полицискиот час да трае пократко, од 19 до 05 часот. Така би се намалиле гужвите пред супермаркетите, аптеките и банките, што е во интерес на одржувањето на физичката дистанца. Повозрасните граѓани и младите до 18 години би имале можност за излегување во подолг период од денот. Предлагаме во периодот определен за повозрасните, останатите граѓани да останат во своите домови. Дополнително, покусиот полициски час би овозможил поефикасно функционирање на економските субјекти, а особено на населението кое се занимава со земјоделие.

ДОМ ја поздравува одлуката на Владата за обезбедување подобра информираност на граѓаните за донесените мерки и одлуки поврзани со корона кризата, преку телевизиските и радио програмите.

Апелираме до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките и мерките за заштита од коронавирусот. Зашто, одржувањето физичка дистанца и лична хигиена се единствениот начин да го сочуваме личното и колективното здравје.

 

Сподели: