ДПМНЕ го одби Предлогот да не се крати боледувањето и да не упаѓа полиција во домот на работникот

Сподели:

Денес во Собранието, мнозинството на ДПМНЕ не даде поддршка за предлог-законот на Левица со кој се бараше да се забранат домашните контроли на боледувањата и да се спречи кратењето на седумдневното боледување преку обичен правилник на Фондот за здравствено осигурување.

Пратеникот Амар Мециновиќ предупреди дека зад овој чекор на Перински се отвора простор за постепено одземање на стекнатите работнички права. Врз основа на какви медицински анализи и со каков демократски легитимитет директори на институции можат преку обични правилници да задираат во веќе стекнатите социјални права? Ако денес се скратуваат на пет дена, што ќе спречи понатаму да се ограничат на три или два?

Алармантни се најавените теренски контроли на болните работници кои би можеле да се спроведуваат по случаен избор или по пријава од работодавачот. Мециновиќ предупреди дека ваквиот механизам може да стане средство за притисок врз работниците кои бараат исплата на прекувремена работа, имаат нарушени односи со работодавачот или се осмелуваат синдикално да се организираат. Работникот и газдата не се рамноправни страни – едниот располага со капиталот, ги определува условите за работа и има дисциплински овластувања, додека другиот живее од сопствениот труд. Токму затоа постои трудовото право – да го заштити работникот од злоупотреба на таа нееднаквост. Домот на работникот не смее да стане продолжение на работното место, ниту неговото боледување дополнителен инструмент за притисок во рацете на работодавачот!

Со денешното неподдржување на предлогот на Левица, мнозинството на ДПМНЕ одби законски да ги заштити седумте дена боледување од своеволно кратење и да ги забрани теренските проверки во домовите. Собранието има обврска да ги штити социјалните права на граѓаните, а не да дозволува нивната содржина да зависи од волјата на поединечни директори, реагираат од Левица.

Сподели: