Вести Македонија Ударни вести

Државата го откупи гасоводот, решен деценискиот спор меѓу Макпетрол и Владата

Сподели:

 

Собранието со 60 гласа „за“, 30 „против“ и без воздражни го донесе Законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол по пат на спогодба.
Макпетрол и државата водеа спор за тоа кој има поголем удел во гасоводот, повеќе од 12 години.

Во ноември 2019 година, Макпетрол АД Скопје и македонската Влада побараа медијација во Центарот за решавање на спорови на Енергетската заедница заради конечно, законито и правично регулирање на своите сопственички односи во ГА-МА АД Скопје, во согласност со Законот за енергетика и со Третиот енергетски пакет, кој е инкорпориран во Законот.

Во декември 2019 година Владата, во рамките на продолжението на работата на 171 редовна седница, ја усвои Одлуката за одобрување на средства од буџетот за 2019 година за купување на делот на ГА-МА АД Скопје во износ од 32 милиони евра.

Расправата за Законот во изминативе денови се одвиваше во тензична атмосфера со жестоки противења од страна на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ бараат од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише указот за овој закон.

„Државата нема слух за проблемите со кои се соочуваат учениците и наставниците, државата нема абер од набавка на вакцина за ковид-19 од кои секојдневно умираат по 10-тици наши граѓани, ама за тоа на шверцерски начин му додели 33 милиони евра на Макпетрол,“ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Компанијата Макпетрол АД во соопштение до јавноста реагираше на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, при што истакнаа дека имаат обврска да го почитуваат Законот за енергетика, кој е усогласен со Третиот енергетски пакет и мора да го продадат својот удел од 50 проценти во ГА-МА АД Скопје бидејќи повеќе не може истовремено да ги врши дејностите трговија и снабдување со природен гас и пренос на природен гас.

„ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на Макпетрол АД Скопје и Владата со по 50 проценти од вкупниот основачки капитал на Друштвото во износ од 37.612.500 евра. Од 2006 година до денес, ГА-МА АД има инвестирано неколку десетици милиони евра во развој на гасоводниот систем на земјата. Со цел да се утврди сегашната вредност на ГА-МА АД Скопје, пред реализација на трансакцијата е извршена проценка на пазарната вредност на Друштвото од страна на овластени проценители, ангажирани преку Бирото за судски вештачења како орган на државната управа во состав на Министерството за правда. Со проценката е утврдена пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, од која вредност 50 проценти во износ од 32.773.905 евра му припаѓаат на Макпетрол АД Скопје. Според тоа, на Макпетрол АД Скопје никој ништо не му подарува. Напротив, државата купува од Макпетрол АД Скопје капитален објект по реална цена, кој единствено денес функционира во областа на гасификацијата на државата,“ се вели во соопштението од компанијата.

Со изгласувањето на Законот, ГА-МА преминува во 100 процентна сопственост на државата.

Доколку не се решеше спорот помеѓу Владата и Макпетрол, ќе се доведеше во прашање функционалноста на целиот проект на гасификација во нашата држава, а можни беа и казни од страна од Енергетската заедница.

„ГА-МА“ е компанија за пренос на природен гас и управување со системот за пренос на природен гас.

meta.mk

Сподели: