Колумна Текстови

ДРЖАВАТА КАКО ДИВЕЧ – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Некој млад музички композитор го замолил славниот композитор Луис Шпор за мислење за неговото почетно музичко дело. Утредента, Шпор го викнал младиот композитор и му рекол: „За среќа во вашето дело има многушто ново и многушто добро“. Младиот композитор скоро да прелетал до небо од среќа. Но, веднаш насмевката му се закиселила кога Шпор продолжил: „Но, за несреќа тоа што е ново не е добро, а тоа што е добро не е ново“.

Постапувањата на одделни политички и квазинаучни структури во државава, по однос на сегашниот историски момент за државата, наликуваат на укажувањето на Шпор дека тоа што е ново ич не е добро, а тоа што е добро воошто не е ново. Тука се во прашање повеќе причини. Има и незнаење, има инает, но и личен профит. А кај некои е присутна и антизападна опција, што реално нема ништо заедничко со елментарните интереси на државата. И проруската опција е легитимна, и тоа треба отворено да се каже ако се чувствува, а не да се сокрива зад некакви лажни патриотски фрази. Луѓето треба да чујат што точно се добива од тоа, а што се губи. Сите објективни параметри велат дека во постојните консталации на глобалните игри на моќниците во регионот, источната опција е погубна за Македонија. А и прозападната ориентација првенствено треба да се избира оти им служи на нашите општи интереси. Но, долгата и често непринципиелната наша игра, кај едни западни структури има создадено замор во нивните напори цело време да не одвраќаат од нашите суицидни намери.

За жал, и дел од ДПМНЕ продолжува со политиката на ефтиниот патриотизам од логиката на селските продавници. Факт е дека долгогодишната погубна политика на Груевски има оставано длабоко траги во свеста на вмровското членство. И сега бројни нивни членови имаат очи ама не гледаат. Имат уши ама не слушаат. Имаат ум, ама не мислат. Им функционира само јазикот, а јазикот иако нема коски – знае коски да скрши. Оттука, вистински патриот е тој што се залага за договор со Грците, оти изнаоѓањето решение значи спас од исчезнување. Повикувањето во сопствени сили со цел да се избегне решението е рамно на повикување на скокање без падобран. А логиката на селските продавници (ако воопшто тука има логика), е разнебитувањето на државата. Оттука, Мицковски мора да одигра флексибилно, оти добро знае дека вистинскиот спас за државата е во спротивната насока од вградениот ментален чип кај неговото членството. Тој е принуден да води битка, не само за здрав концепт, туку и за здрав разум, оти се наоколу е изградено од болен ум. Бројни вмровци прозападната оријентација ја перцептираат како опција за принудно враќање на украдените пари. И нормално дека при таков ментален склоп не е можно да се гради здрава политика, а понајмалку здрава држава. Лелекањата за наводно газење на демократијата, за партизирањето на институциите, судството, медиумите, освен што предизвикуваат гласно смеење, не значат ништо повеќе. Оти таков рефрен се слуша полни 11 години, а и разликата е многу воочлива. Потребата за јасно дистанцирање од Груевски и компанијата е од витален значај за да му тргне напред. Тука нема средина, а ниту компромис, оти за лага се смета и премолчувањето на вистината. Тој треба да сфати дека луѓето меѓу радосната лага и тажна вистина, се определуваат за последното. И тука победата над самиот себе се чита како мудрост. Мицковски важните потези треба да ги поддржи, не само поради интересите на државата, туку и поради тоа што претходното партиско водство во голема мера допринела состојбата да се доведе до вакво дереџе.

За жал Груевсдки антиамериканизмот го има пресадено длабоко во потсвеста на членството. А улогата на оваа велесила за создавање на независна Македонија, била пресудна. Преку УНПРОФОР директно ја спасуваше од бивши југословенски војни. Во 2004 година САД ја призна државата под уставното име. Следеше бурна реакција од Грција. Министерот за надворешни работи Петрос Миливијатис испрати остра протестна нота до САД, а грчкиот министер за одбрана Спилиос Спилиотопулос допатува до Москва. Три години подоцна американците влијаеле во Канада за и таа да ја признае Македонија под уставното име. Такви иницијативи покренаа и кај австралискиот парламент. Дури излобираа иницијатива за уставното име и кај Евопскиот парламент. Но, сето тоа Груевски го газеше со коњот Букефал. Не го даваше минатото макар да ни ја уништи иднината.

Секој што знае геополитичка азбука, јасно му е дека во постојните консталации на интереси меѓу Русија и двете нејзини природни сојузници (Грција и Србија), Македонија може да биде само жртвен јарец. Неслучајно силни политички кругови во Грција воопшто не сакаат договор за името. Да не беа Американците и Германците воопшто и немаше да има преговори, а Грците веројатно ќе почекаа самите наши празноглавци да ја докрајчат својата држава. Оттука, тие кои се противаат на договорот со Грција, кажано со јазикот на геополитиката, се директни стрелци кон својата држава (која им наликува на дивеч) за да ги нагостат Грците и Русите. Тука е и „видовидоста“ на Милошоски која служи како загар за таков „дивеч“. Познатиот руски познавач на геополитиката Јевгениј Колошов, вели дека „Македонија за Русија нема никаков значај. За нас во тој дел од Европа приоритет се руско-српските и руски-грчките односи“. Поаѓајќи од оваа, Македонија во НАТО и ЕУ се единствено спасоносно решение. Не е случајно што рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов пред некој ден си кажа: „Нема да аплаудираме  ако Македонија станува дел од НАТО“.

Македонските преговорачки позиции видно ги ослабнува и претседателот на државата. Тој со неговите изјави знае работите неверојатно прости да ги претвори во просто неверојатни. Свесно или несвесно тера вода во воденицата на Прокопис Павлопулос кој цело време се моли да пропаднат преговорите, а за тоа да бидат виновни Скопјаните. Тој што не знае кај оди, таму и стигнува. Но, единствената можност за да победи злото, е добрите да не преземат ништо. Заев добро сфатил дека ако треба да го добие неверојатното треба да го прави невозможното.

 

 

Сподели: