ДРЖАВАТА ПРЕД СТЕЧАЈ – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

12991102_1232195146830571_5122615691705132138_n

 

 

И во политиката има секакви луѓе, понекогаш просто неверојатни, но често и неверојатно прости. Брекзит се случи поради неодговорни политичари, но сепак се виде дека британската држава поседува заштитни механизми од таквите. Така што за неколку дена беа политички екзекутирани и премиерот (оти тој ја започна таа игра пред три години), а и главниот пропагандист за излегување од ЕУ – Борис Џонсон. Сега излегувањето од ЕУ се одложува за можеби никогаш да не се реализира.

Но, кој не` штител нас од ептен опасни штетници од најлош вид!? Со години државата и граѓаните во неа наликуваа на брод полн со патници кој пловел низ опасни води што завршуваат во Нијагара, а управуван од дрогирана и насилничка посада, додека повеќето од патниците верувале дека тоа е само обичен сон!!! Така верувале и кога ги лажеа, и кога ги тепаа, и кога ги крадеа, и кога им ја уништија иднината и судбината, и кога им ги исфрлаа децата од бродот…! Ним им биле важни само тие 200 или 300 евра или нешто слично, за се другото да го сметаат за сопственост на чудовиштата што го управувале бродот! А чудовиштата не само што не решавале проблеми, туку во континуитет создавале нови! Но, факт е дека и едни корумпирани странци со години ги хранеле таквите чудовишта убедувајќи не нас дека сакаат да ги претворат во луѓе, се додека повисоки инстанци не разбрале дека тие суштества, не само што создаваат внатрешен хаос во земјата туку сериозно го загрозуваат и мирот во регионот! Оттука и потребата за странска истрага за тоа кој и зошто со години издејствувал таква слика за црните ѓаволи да ги прикаже како бели ангели! Имено, странците под изговор „безбедност“ пред „демократијата“, ја подржувале ваквата чудна власт, се додека не сфатиле дека од криминална организација не бива ни безбедност ни демократија!

Сега западни аналитички центри причината за нашиот хаос ја бараат во недостатокот државотворен капацитет кај овдешните луѓе. Тие посочуваат дека нема потреба од трошење енергија за да се сочува државната творевина која самата не сака да биде сочувана. И дека според нив е грешка што меѓународната заедница упорно настојува да спречи самоубивство на човек кој перманентно инсистира на тоа. Во бројни центри Македонија се перцепира како неизлечиво болно дете што вопшто не може да расте. Сите знаат дека овдешната власт веќе е претворена во опасно оружје за масовно уништување на животи и судбини, ама за чудо луѓето сеуште ја трпат! Власта има големо око оти виде дека има многу слепи. Овдешните преваранти, со перење мозоци и бројни лопати, не само што ја погребуваа вистината, туку создале и блокада во главите на луѓето. Тие сега го имаат загубено сетилото што ги предупредува кога некој сака да им прави лошо и неправда! Што почесто го сакаат лошото, а го презираат доброто! Тие мислат дека тоа што се живи и што можат да дишат, слушат, гледаат и заспиваат е заслуга на власта.

А јадниот Иванов пишува писмо до НАТО за почитувањето на меѓународното право, а самиот внатрешното право го има фрлено во септичка јама. Неговото право со години казнува праведни, а штити криминалци! И продолжува сиротиот да одработи за неговите шефови, убедувајќи не нас дека правда е тоа што го мислат подржувачите на злото. А токму тој треба да биде првиот што треба да каже – мора да станеме робови на законите за да бидеме слободни. А сите ние треба да сфатиме дека дури и ѓаволот не доаѓа со страшни заби и оштра стрела, туку со сè што ние посакуваме од животот.

 

Што со санкциите!?

Сега по потопот ни се воведуваат „спасоносни“ санкции, кои најмногу ќе ги погодуваат и така утепаните обични луѓе. А пред неколку години ќе беше доволно само по некоја изјава дека власта не е на добар пат за притисокот од јавноста да делува како регулаторно тело за враќање кон нормалата. Веста дека се скратени 27.1 милиони евра од ИПА фондовите ги вознемири духовите колку и за очилата на Груевски. Државата само оваа година ќе загуби над 200 милиони евра (од кои еден добар дел се неповратни средства). Тука спаѓаат бројни проекти поврзани за Коридорот 8 и 10, средствата доделени како помош или донации (билатрерално) за помош од државите членки на ЕУ за зајакнување на функциопнални капацитети, за зајакнување на конкурентноста, за развој на земјоделието, за регионален и локален развој (особено во инфраструктурата), за Ерасмус, за култура, спорт итн. Голем дел од тие пари сега ќе завршат кај соседните држави кои сериозно им се посветени на реформите. И тие пари што ги добивавме досега, според Вашингтон и Брисел (Могерини) – лошо сме ги изменаџирале, а Ванхојте зборува за дури 40 отсто злоупотребени. А едни со сиот глас викаат дека не водат лудаци, а впрочем тие сме ние самите што уште трпиме такви лудории.

 

Партија -држава

Еден од главните услови за фер избори е и издвојувањето на партијата од државата. Можно ли е тоа кај нас ако се знае дека 100 илјади луѓе земаат плата за фиктивни работни места? Нивната задача е да лепат плакати и да гласат! Тоа не е само рак рани за развој (дури и за шведска економија), туку и директен упад во секоја клетка на државата. Тоа е опасна пирамида која брзо ќе се руши и сите ќе не затрупи. Да беа направени реформи, сега ќе имавме само околу 80.000 професионални административци со двојна поголема плата, а другите ќе се снајдеа во економијата, услужните дејности и слично, исто така со двојно повисока плата, без страв дека некој да им каже – ајде стоко моја да се печете на сонце за да види светот колку ги сакате криминалците што се одмараат по светските ладовини! Реално, токму тие имаат причина да се спротиставуваат на режимот, оти од нив има направено канта за ѓубре.

Каде е тука опозицијата?

Преговорите веќе стана здодевен циркус. Која е логиката дека Груевски и компанијата ќе преговараат за да отидат по своја воља во Шутка!? Ма тоа треба да се приморува. Смешно е ставот дека лидерите треба државните интереси да ги стават пред партиските (личните). Еден грам да беше така немаше да дојдеме до ова дереџе. Неодамнешите студенстски „скандалозни“ избори и уште поскандалозното задолжување од 650 милиони евра (скоро милјарда заедно со каматите), најавуваат дека можниот договор по кој знае кој пат ќе служи само за хартија (и тоа тоалетска). Одењето по свадби наместо на средби покажува дека бандата е одлучна да се конфронтира со целиот свет и по цена на наши и нивни животи. Оттука, треба многу посериозно да се пристапи отколку некое смешно „ултимативно“ набројување, после кое не се случува ништо! Со добро смислени постапки, на власта треба да и се стави до знаење дека ако таа мирните промени ги прави невозможни, тогаш насилните ќе и станат неизбежни. За таа цел под итно треба да се формира заеднички ФРОНТ од сите партии, здуженија и интелектуалци кои се против ваквото владеење и да се пристапи кон уривањето на ваквиот криминал. Странците се уморни од нашиот „одмор“. Едни луѓе околу шефот на опозицијата кои се спротиставуваат на ова идеја – или се тотално во аут или си имаат некоја нивна лична агенда. Се гледа дека власта купува време, а ние не смееме да и продадеме повеќе. Не смееме повеќе да губиме драгоцено време. И во светот на пчелите, непродуктивните пчели веднаш се отстрануваат. Ако тоа не го правиме, тогаш наскоро ќе ни се укинуваат визите, ќе ни се стави трговско и финансиско ембарго. Власта ќе падне, но тешките последиците од таквиот хаос со декади ќе не следат. Со години ќе имаме држава во стечај.