Државен архив: Св.Кирил и Методиј – Браќата што го изменија светот

Сподели

 

24 мај е светол празник, кој го одбележува културниот развој на словенските народи преку ликот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература.
 
Поради големите заслуги биле канонизирани за светци набргу по нивната смрт. Не случајно денес за браќата Кирил и Методиј се користат разни атрибути, како првоучители, рамноапостоли, браќата што го изменија светот. Папата Јован Павле Втори во 1980 година ги прогласил за созаштитници на Европа поради нивната мисионерска дејност преку која ги обединиле Истокот и Западот на Европа.
 
Во нивната биографија ќе остане запишано дека биле родени во Солун, Македонија, како Константин и Методиј. Моравската мисија е најзначајниот дел од нивниот животен пат, која почнала на барање на моравскиот кнез Ростислав за да го реши политичкото и црковното прашање во државата. Замолил да му пратат учители кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик.
 
 Пратените мисионери биле Кирил и Методиј. Словените немале букви, па така Кирил морал да состави и азбука од 38 букви и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Во Брегалничката мисија пак, според легендата, тој покрстил 54.000 Словени.
 
Кирил починал во Рим во 869 година и денес неговите мошти се наоѓаат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал во 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.