На картата е прикажан имот на чифлиг во селото Крстец, сопственост на Хусрев бег-паша со две воденици и еден Ан. Во четири печати се напишани и имињата на членовите на селскиот Совет: Стојан, Ангеле, Дамјан (претседател на селото Мухтар), Ристе, Мира, Наумче, Коле, Петко, Диме и Ачко.
“На оваа карта се обележани и два пата од Прилеп до Велес, едниот преку селото Крстец, а другиот преку селото Присад, потоа, планинските места Балталак и Конор, како и Присадскиот манастир, Трскавец и Дервенските кули.
Исто така, значаен запис на оваа карта е и исцртаниот пат кој го поврзува Прилеп со патот Виа Игнатиа (Via Egnatia)” – додава директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, потенцирајќи го уште еднаш, големото историско значење на оваа карта, која што, не само што зборува за нашето минато, туку е и солидна основа за натамошни истражувања на нашите историчари, топографи и географи.