Државниот секретар на САД, Помпео, денеска на средба со Заев и Пендаровски

Сподели

 

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денеска пристигнува во Охрид, каде што ќе има средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Помпео пристигнува на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Во Охрид безбедноста во градот крената на највисоко ниво и низ градот е забележливо присуство на униформирани и неуниформирани полициски и службеници од државните безбедносни агенции.

Околу аеродромот Св. Апостол Павле исто така има зголемено присуство на полицијата. Отстранети се сите контејнери на трасата каде што ќе минува колоната возила и градот и околината интензивно се чистеа.

Според протоколот, предвидено е секретарот Помпео да ја посети и црквата „Света Богородица Перивлепта“, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД, односно од американските даночни обврзници.

Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ.

Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција.